Медиум: Турција поради руските санкции падна во „должничко ропство“

Турција го собори петгодишниот рекорд по бројот на неплатени кредити, а ситуацијата во иднина само ќе се влошува, пишува агенцијата „Блумберг“.

Во контекст на руските санкции и намалувањето на бројот на туристи, турската економија запаѓа во нови неволји, како што се на пример неспособноста за исплата на кредитите и зголемувањето на притисокот врз банките, пишува „Блумберг“ повикувајќи се на Агенцијата за регулирање и надзор на банкарскиот сектор во Турција.

Според зборовите на агенцијата, ситуацијата во банкарскиот сектор во Турција сѐ повеќе се влошува. Бројот на неплатени кредити порасна на 3,18% и го достигна петгодишниот максимум. Нов бран тешкотии во економијата на Турција предизвикаа загубите поради руските санкции, девалвацијата на националната валута и политичката нестабилност во оваа земја, која пак повлекува ново намалување на бројот на туристи, пишува агенцијата.

Бројот на неплатени кредити достигна во првите два месеци оваа година 514 милиони долари, што е за 60% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Порастот на овие показатели се одразува негативно врз целокупната состојба на банкарската гранка во земјата, нагласува „Блумберг“.

„Оваа тенденција ќе се развива и понатаму. Не можам да кажам дека ситуацијата излезе од контрола, меѓутоа влијанието на руските санкции, ударот врз туристичката индустрија, порастот на трошоците за финансирање и ослабената национална валута ќе бидат погубни за приватниот сектор, вели финансискиот аналитичар на „Комерзбанк“ Апостолос Бантис, пренесува РИА „Новости“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња