Рускиот центар при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој беше отворен на 11 јануари оваа година, вчера го организираше својот втор настан. „Руска реч на македонски“ присуствуваше на него и ги издвојува најинтересните настани.
Предавањето „Покрстувањето на Русија“ го одржа м-р Екатерина Терзијоска, виш лектор на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, водечки специјалист по руска култура во Република Македонија. На настанот присуствуваа повеќе од 30 посетители, меѓу кои претставници на научната јавност, русисти, историчари и љубители на руската култура и на Русија.
Предавачот Екатерина Терзијоска, на само за неа својствен начин, пред присутните ги презентираше првите чекори во примањето на христијанството во Киевска Русија. Започнувајќи од кнегињата Ољга, за која се смета дека е првата Русинка што го примила христијанството, преку нејзините внуци, Терзијоска ги водеше присутните низ историјата на мошне интересен и сликовит начин. Таа презентираше голем број факти, легенди, преданија и интересни информации за овој дел од руската историја.
По предавањето се разви и интересна дискусија, во која учество зедоа речиси сите присутни. Голем дел од нив споделуваа свои размислувања, но и свои искуства во врска со Русија, а кои се однесуваат на нејзината историја, за која постојат сведоштва до денешен ден. Дел од научната јавност која беше присутна на овој настан, зборуваше и за гледишта што постојат во научната јавност во Русија, со што дискусијата доби уште поинтересен тек.
Од Рускиот центар најавуваат интересни настани и во иднина, а нашата редакција со задоволство ќе ги проследува за своите читатели.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче