Експертите му предложија на НАТО мерки за „одвраќање“ на Русија

Москва повеќепати има кажано дека наводната „руска закана“ е само повод за ширење на НАТО на исток.

Водечкиот експерт за НАТО прашања Хорхе Бенитес ја повика Алијансата да распореди во балтичките земји постојан воен контингент кој би служел како „инструмент за заштита од активностите на руската армија”.

Бенитес ја истакна „недоволната брзина на донесување политички одлуки и распоредување на силите“, „непостоењето сили кои би можеле да ја уплашат Русија“ и недоволната борбена готовност на вооружените сили на НАТО (од германската авијација до копнената војска на САД), се наведува во статијата на порталот на Институтот на Американската воена морнарица USNI News.

Тој укажува на фактот дека, додека во маневрите на НАТО учествуваат 30-40 илјади војници, Русија става во движење 80-100 илјади припадници на војската кои за 24 часа преминуваат огромни растојанија. Според неговите зборови, потребно е постојано воено присуство на НАТО во балтичките земји кое ќе покаже дека „не постојат членки на НАТО од втор ред“.

Експертот смета дека треба да се основа европски пандан на Калифорнискиот национален центар за обука кој во Европа ќе врши обука на тенковските сили на НАТО и вооружените сили за брза реакција.

Според Мариус Лауринавичиус, литвански воен аналитичар, заканата од Русија за Европа е реална и притоа не станува збор за „хибридна војна“ каква што се води во Украина. Тој смета дека Кремљ е „подготвен да го искористи моментот“ за остварување на своите интереси, како што е отворање на коридор до рускиот регион во Калининград. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња