МНР РФ: Северна Кореја не ги почитува нормите на меѓународното право

Пјонгјанг во неделата соопшти дека лансирал ракета со сателит „Кванмјунсон-4“. МНР Русија истакнува дека таквите дејствија водат кон заострување на ситуацијата на Корејскиот полуостров и во Североисточна Азија и ѝ нанесуваат штета на безбедноста на државите во регионот, вклучително и на самата Северна Кореја.

Пјонгјанг не ги послуша апелите, демонстрирајќи предизвикувачко непочитување на нормите на меѓународното право, се вели изјавата на МНР РФ во врска со лансирањето на ракета од страна на Северна Кореја, пренесува РИА „Новости“.

Северна Кореја лансираше балистичка ракета во неделата од космодромот „Сохе“ на западното крајбрежје. По 10 минути ракетата пролета над воздушниот простор на јапонската префектура Окинава. Подоцна САД изјавија дека ракетата била лансирана во јужен правец над Жолтото море. Потоа Централната телевизија на Северна Кореја соопшти за успешно лансирање на вештачкиот сателит „Кванмјунсон-4“.

Како што истакнува агенцијата, таквите дејствија водат кон сериозно заострување на ситуацијата на Корејскиот полуостров и во Североисточна Азија в целина, „им одат на рака на оние кои се надеваат на блоковска политика и зголемување на воената конфронтација, ѝ нанесуваат сериозна штета на безбедноста на државите во регионот, пред сѐ на самата Северна Кореја“.

„Курсот што го избра Пјонгјанг не може да не предизвика одлучен протест. Апелираме до раководството на Северна Кореја да размисли дали им одговара на интересите на земјата политика на конфронтација со целата меѓународна заедница“, се истакнува во изјавата“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња