Наришкин: Заканата за распад на ЕУ е реална

Според мислењето на спикерот на Државната дума Сергеј Наришкин, концептот на ЕУ, откако се судри со нови предизвици, се покажа како неефикасен.

Претседателот на Државната дума Сергеј Наришкин смета дека „заканата за распад на Европската унија е реална“. Ваквото мислење тој го искажа во колумната објавена во понеделникот во „Известија“, пренесува ТАСС.

„Тешко е да се каже дали ќе опстане ЕУ во ваков вид уште десет години“, пишува тој, потсетувајќи дека „толку жестока прогноза деновиве даде не некојси таму, туку спикерот на Европскиот парламент Мартин Шулц“.

„Изгледа дека последните настани силно ги „покоси“ евроинтеграторите и им даде сигурност на евроскептиците кои на Запад сѐ до неодамна беа сметани за маргиналци“, истакнува Наришкин.

Според неговото мислење, „врз Европа истовремено се струпаа и проблемите со Шенген-зоната, и убедливите резултати на изборите во Грција, Франција и Полска на национално ориентираните сили, а да не зборуваме пак за тревожните за ЕУ референдуми“. Еден од нив се одржа во Данска, „каде граѓаните одбија да ѝ ги отстапат на ЕУ своите суверени права во сферата на безбедноста и правото, друг се подготвува во Велика Британија чии власти веќе ѝ го дадоа на ЕУ својот „ултиматум“.

Причината за таквите тенденции е во тоа што „пука по сите рабови концептот на Европската унија“.  

„Откако се судри со новите предизвици, таа се покажа како неефикасна, а евробирократијата како немоќна и несмасна пред лицето на миграциската криза и растот на терористичката закана“. Но сето тоа е „само последица од подлабоките проблеми и грешките направени порано“. Големата идеја за Голема Европа, според зборовите на Наришкин, „се покажа јалова, зашто без нормални односи,  рамноправни и со почитување меѓу државите, цврст интеграциски сојуз е невозможен“.

 

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња