САД не се согласни дека Турција добива шверцувана нафта од ИД во голем обем

Претходно координаторот за прашања за меѓународна енергија на Стејт департментот Амос Хокстајн исто така изјави дека „количините на нафта која беше шверцувана (во Турција) се многу мали“.

САД не се согласуваат со изјавите на Русија дека терористите на „Исламската држава“ во Сирија шверцуваат големи количини нафта во Турција, изјави висок службеник на Стејт департментот на САД, пренесува ТАСС.

„Според наши процени, обемот на шверц меѓу областите контролирани од ИД и Турција не е голем“, изјави тој. Притоа тој тврди дека целата нафта што ја произведуваа исламистите во Сирија се употребува на самата територија на земјата каде продолжуваат да работат индустриските претпријатија и транспортот. Дел од таа нафта, според зборовите на американскиот дипломат, ја купува „самиот режим“ на Асад, а друг дел се преработува во бензин и дизел-гориво во стационарните и мобилни нафтенопреработувачки капацитети со кои располага ИД.

Коментирајќи ги сателитските снимки на рускиот Генералштаб, на кои се прикажани колони со цистерни во Сирија, претставникот на Стејт департментот рече: „Тие снимки, несомнено, не се фалсификат, но некои од нив се застарени“. Меѓутоа, најважно е што на нив се гледаат „редици камиони на места каде што има нафтени наоѓалишта“, а не на турската граница. И тие снимки, според него, не се доказ дека тие возила одат за Турција. „Јас не видов фотографии на кои би имало цистерни кои ја преминуваат границата“, истакна портпаролот.

Претходно координаторот за прашања за меѓународна енергија на Стејт департментот Амос Хокстајн исто така изјави дека „количините на нафта која беше шверцувана (во Турција) се многу мали“. Според неговите зборови, таквите количини не можат да претставуваат голем интерес „од гледна точка на профитот“. „Не мислам дека меѓу Турција и регионите контролирани од ИД се случува значителен незаконски транспорт на нафта“, потенцираше американскиот дипломат.  

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.