Русија одлучи да ги замрзне сите воени проекти со Турција

И покрај фактот дека Турција е членка на НАТО, воено-техничката соработка на Москва со Анкара се развиваше динамично.

Сите проекти за воено-техничка соработка со Турција наскоро ќе бидат замрзнати, соопшти претставник на Федералната служба за воено-техничка соработка, пренесува РИА „Новости”.

„И покрај фактот дека Турција е членка на НАТО, воено-техничката соработка со оваа земја се развиваше динамично. Во блиска иднина сите овие проекти ќе бидат замрзнати“, рече соговорникот на агенцијата.

Последниве неколку години Москва реализираше некои одбранбени проекти во соработка со Анкара. На тој начин Руската Федерација заедно со Турција го произведе ракетниот систем со краток дострел „Игла-С” (ракетниот систем е руски, а шасијата е од турско производство).

Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI - Stockholm International Peace Research Institute), од 1992 година Руската Федерација ѝ испорачала на Турција 174 оклопни возила БТР-80, 23 единици БТР-60ПБ и 19 хеликоптери Ми-17. Во 2008 година со Турција е склучен договор за набавка на 80 лансери и 800 проектили за противтенковскиот ракетен систем „Корнет”, кој предвидуваше набавка на 720 комплети муниција во случај на побарување од турска страна. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.