Медиуми: Во А321 имало куфер што не поминал проверка

Според снимките од камерите за надзор на аеродромот, операторот за обработка на багажот му предал на човекот што го товарал багажот во авионот А321 непознат куфер.

Маж кој работел на товарање на багажот во авионот А321 што се урна во Египет, примил од вработен на аеродромот во Шарм ел Шеик непознат куфер. Постојат податоци за багажот што не ја поминал процедурата за скенирање на багажот, соопшти агенцијата „Ројтерс“повикувајќи се на извори во безбедносните сили на Египет и претставници на аеродромот, а пренесува РИА „Новости“.

Неименуван соговорник од безбедносните структури изјавил за агенцијата дека според снимките од камерите за надзор, операторот за обработка на багажот му предал на човекот што го товарал багажот во авионот на пистата непознат куфер.

Извори во аеродромот Шарм ел Шеик изјавија дека силите за безбедност бараат две лица кои одреден период не внимавале на апаратот што го скенира багажот „додека патниците се качувале во авионот“. Според информациите на изворите, истражителите го испрашале целиот персонал на аеродромот кој учествувал во подготовката на авионот за лет, меѓутоа никој не бил приведен во врска со овој инцидент. Службите ги проучуваат соодветните снимки од камерите за видео-надзор. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.