Министерството за одбрана на РФ објави снимки од „бомбардираната“ болница во Сирија

Претходно во странските медиуми се појавија информации дека авионите на ВКС РФ бомбардирале цивилна инфраструктура.

Министерството за одбрана на Русија објави на своите официјални профили на општествените мрежи резултати од сопствената проверка на информациите на странските медиуми за наводно бомбардирани цивилни објекти во Сирија од страна на руската авијација, пренесува ТАСС.

Како што изјавија од МО РФ, претходно се појавија информации дека руската авијација ја бомбардирала болницата во сириската населба Сармин.

„Во Министерството за одбрана е спроведена детална проверка на изложените „факти“ во текот на која е утврдена целосна неоснованост на објавените „видео-докази“ кои наводно го потврдуваат нанесувањето воздушни удари врз болница во населеното место Сармин (провинција Идлиб)“, се вели во соопштението на министерството.  

На страниците на МО РФ на Твитер и Фејсбук се објавени снимки на кои е прикажана зградата на болницата во Сармин и градбите околу неа. Снимките биле направени на 31 октомври. „Како што може да се види, зградата во која е сместена болницата, е апсолутно цела. Згора на тоа, самата улица исто така нема никакви оштетувања – за разлика од видеото објавено во западните медиуми“, истакнаа од министерството.

Притоа, според податоците на Министерството за одбрана на Русија, во населените места Ал Ејс, Ал Хадер, Хан Туман, Сармин, Латамна и Ал Зирба, за чие бомбардирање на болници се обвинуваат ВКС Русија, воопшто нема болници, пренесува ТАСС.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.