Осмото јајце од серијата на Фаберже под името „Дијамантска мрежа” го нарачал царот Александар III како подарок за својата сопруга, царицата Марија Фјодоровна за Велигден 1892 година.
Одамна се сметаше дека содржината скриена во тоа јајце од Императорската велигденска колекција е изгубена. Меѓутоа, научниците случајно ја пронајдоа кога го подготвуваа новиот каталог на Британската кралска колекција.
Изненадувањето во ова јајце е фигура на слонче на навивање. За ова откритие јавноста првпат беше известена од вишиот кустос на Британската кралска колекција Каролајн де Гито на научната конференција во Музејот Фаберже во Санкт Петербург.
Лушпата на јајцето е изработена од полупроѕирен камен со боја на зелено јаболко со вметнати дијаманти. Првобитно јајцето имало сребрено или златно подножје со херувими. Се смета дека тие ги претставуваат тројцата синови на царскиот пар: Николај, Михаил и Георгиј.
Јајцето било дел од неколку приватни колекции и останало во колекцијата на семејството Мекферин во САД, но притоа била изгубена фигурата на слончето која се наоѓала во јајцето.
Оригиналноста на овој пронајдок е потврдена, затоа што во фигурата е откриен печатот на Фаберже. Засега останува тајна како слончето се нашло во Британската кралска колекција.
Велигденските јајца „Фаберже“ ретко се појавуваат на аукции. Нивната цена достигнува и до 18,5 милиони долари, колку што плати рускиот колекционер Александар Иванов за „Јајцето на Ротшилд” 2007 година на аукција во Кристис.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче