„Вашингтон Пост“: Гамбитот на Путин, збунетоста на Обама

Aналитичарот на „Вашингтон Пост“ Чарлс Краутхамер пишува дека Американците се збунети од шаховската игра на Путин во Сирија.

„Уште еднаш претседателот Обама и неговиот надворешнополитички тип се во недоумица: зошто Владимир Путин ја преплавува Сирија со војска и оружје?“, пишува аналитичарот на „Вашингтон Пост“ Чарлс Краутхамер.

Сепак, според мислењето на новинарот, целите на Путин во Сирија се повеќе од очевидни: како прво, „да го зацврсти влијанието на Русија на Блискиот Исток и да ја направи доминантна надворешна сила“. Како второ, „поддршка за најголемиот и најстар арапски сојузник на Русија“. „Откако Анвар (Ел Садат) ги набрка Советите од Египет во 1972 година, сириските Асади беа главната поддршка на Русија на Блискиот Исток“, потсетува Краутхамер.

Авторотгледа и други задачи на сириската политика на Путин: да ја прошири сферата на влијание на руската армија која сега има база само во Тартус и аеродром кај Латакија; да ги истисне Американците („за Путин геополитиката претставува игра со нулта сума“); одново да ја легализира положбата на Русија „во посткримската ситуација“, правејќи ја незаменлива во Сирија.

„Предлогот на Путин е очигледен: престанете да војувате против Асад, сфатете ја Русија како крупен фактор и помирете се со регионалната хегемонија на Русија, Иран и Хезболах – и ние ќе застанеме први на чело во борбата против „Исламска држава“, пишува новинарот.   

„Овде има и бонус. Најлукавиот дел од гамбитот на Путин е скришното решавање на европската криза, предизвикана од приливот на бегалци“, смета Краутхамер.

„Неволно му се восхитуваш на таквиот цинизам. На крајот на краиштата, бегалците ги придвижува војната, а војната ја придвижуваат Иран и Русија. Тие доставуваа воена опрема, пари и сега ја засилуваат војската, што ги засилува борбените дејствија. Пироманот настапува во улога на пожарникар“.

„Како и во случајот со несреќната ситуација околу хемиското оружје, Путин влегува в игра и ја спасува ситуацијата. Ако одиме на тоа, Русија ќе стане незаменлив партнер. За почеток треба да се координираат со нас воените и дипломатските чекори, и ние штотуку е согласивме на преговори по повод зголемувањето на руските сили во Сирија“, пишува американскиот новинар. „Изолацијата на Русија, предизвикана од војната во Украина, ќе престане и заедно со Иран таа ќе стане регионален арбитер“.

„Како резултат на тоа стратегијата на Путин можеби нема да успее, но тоа за што станува збор е многу сериозно и ни најмалку не е нејасно. Белата куќа може да престане да си ја чешка својата колективна глава секојпат кога уште еден транспортен авион „Руслан“ истовара тенкови и морска пешадија во Латакија“, заклучува Краутхамер. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.