Државите-членки на НАТО не треба да одбиваат дијалог со Русија, без оглед на заострените односи меѓу Москва и западните земји во врска со ситуацијата во Украина. Ваков став искажа генералниот секретар на Северноатлантската алијанса Јенс Столтенберг во интервјуто објавено во весникот „Вол Стрит Џурнал“, а пренесува ТАСС.
Тој потенцира дека заладувањето во односите не треба да влијае на можноста за дијалог со Русија. „Ние имаме разногласие, но токму затоа и треба да се среќаваме (на преговарачката маса)“, смета Столтенберг.
„Идејата дека согласноста за дијалог претставува своевидна отстапка или слабост е погрешна. Особено кога се засилува тензијата, особено кога гледаме зголемена воена активност и зголемување на бројноста на (воените) авиони и бродови“. „Напротив, сето тоа претставува дополнителна причина или аргумент за дијалог“, потенцира генералниот секретар на Алијансата.
Притоа тој изјави дека НАТО нема намера да се откаже од плановите за зајакнување на своите одбранбени капацитети.
„Силна одбрана е основа за политичка соработка“, тврди Столтенберг, додавајќи дека не гледа конфликт меѓу зголемувањето на воениот потенцијал и преговарањето.
Во четвртокот тој учествуваше на церемонијата на отворање на командната единица на НАТО во Вилнус. Командните места кои, според зборовите на генералниот секретар, претставуваат „дел од големиот план на НАТО за зајакнување на колективната безбедност“, исто така беа отворени уште во пет земји – во Бугарија, Латвија, Полска, Романија и Естонија. Како што тврди Столтенберг, на тој начин Брсел „испраќа сигнал дека ниту еден од сојузниците на Алијансата нема да остане осамен“. „НАТО овде се наоѓа подготвен да го заштити секој сојузник“, изјави тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче