Кралскиот институт за меѓународни односи во Лондон (Chatham House) го објави извештајот „Предизвикот на Русија“. Автори на документот се шестмина експерти на институтот кои се специјализирани за прашања за Русија и Евроазија. Во извештајот се зборува за предизвиците со кои, според мислењето на експертите, треба да се соочат западните земји во светлината на украинскиот конфликт и сѐ поголемата затегнатост во односите меѓу Европа и Русија.
Во извештајот се истакнува дека европските држави ја потценуваат опасноста која последниве години доаѓа од Москва, како и дека не успеале адекватно да одговорат на руската агресија спрема Украина, пренесува „РБК“.
Авторите на извештајот сметаат дека постои можност украинскиот конфликт да доведе до директен судир меѓу Русија и европските држави.
„Постојниот руски предизвик, што е главната тема на овој извештај, има двоен карактер. Тој е, од една страна, упатен до Западот, кој треба да се спротивстави на сѐ поголемата руска закана, а од друга страна, тоа е предизвик за самата Русија“, истакнуваат авторите на документот.
Како стратешки цели на Западот авторите ги наведуваат, помеѓу останатите, „пронаоѓање на поефикасни начини рускиот режим и рускиот народ да се убедат дека за нивните долгорочни национални интереси е добро Русија да се интегрира во Европа, која е заснована на правила, а не да се изолира како регионален моќник“. Освен тоа, авторите повикуваат луѓето „да се подготват за потешкотии и можности кои неизбежно ќе настапат кога во Русија, најпосле, ќе дојде до смена на власта“.
Како неопходни мерки се наведуваат зајакнувањето на силите на НАТО и сеопфатна програма за обнова на вооружувањето, што ќе овозможи „на Русија да ѝ се покаже дека Европа, во случај на нужда, е подготвена на ограничени вооружени дејства“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче