Темелната модернизација на стратешките бомбардери Ту-160 ќе биде спроведена до 2019 година, соопшти директорот на проектниот центар на Казанската фабрика за авиони „Горбунов” Борис Најшулер.
„Првата етапа од модернизацијата е веќе завршена, втората етапа, која подразбира замена на практично целокупната електронска и радио опрема на постојните авиони би требало да биде завршена до 2019 година“, изјави Најшулер за агенцијата ТАСС.
Според неговите зборови, процесот на модернизацијата почна со замена на опремата која е произведена во поранешните републики на Советскиот Сојуз. Модернизацијата има за цел сета таа опрема, во која спаѓаат и навигациските системи и апаратите за врска, да биде заменета со опрема од руско производство“, објасни Најшулер.
Министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу при крајот на април постави за задача да се разгледа прашањето за обнова на производството на суперсоничните стратешки бомбардери Ту-160 во Казанската фабрика за производство на авиони „Горбунов”.
Ту-160 е најголемиот и најмоќен суперсоничен авион со променливо навалување на крилата во историјата на авијацијата. Тоа исто така е најтешкиот борбен авион на светот со најголема полетна маса меѓу бомбардерите. Пилотите му го дадоа името „Бел лебед“.
Се произведуваше од 1984 до 1992 година и за тоа време беа произведени 34 авиони. Преку половината од нив (19 авиони) по распадот на СССР останаа во Украина. Киев соопшти дека таквата авијација не му е потребна и започна со нивно рециклирање, при што за демонтирање на секој од овие авиони САД доби по еден милион долари. Осум авиони сепак беа спасени и тие по долги преговори ѝ беа предадени на Москва. Киев за советските авиони бараше или по два транспортни авиони Ил-76, или отпишување на долгот за гас. Беше прифатена втората варијанта.
Во моментов во составот на Военото воздухопловство на Русија се наоѓаат 16 бомбардери Ту-160.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче