Медиум: Русија ќе добие привилегиран статус во АБИИ

Русија ќе биде регистрирана во Азиската банка за инфраструктурни инвестиции како претставник на Азија, што ќе ѝ овозможи да добива поголем број гласови во одборот на директори, пишува порталот „Азија Тајмс“ (Asia Times).

Русија ќе ѝ се придружи на Азиската банка за инфраструктурни инвестиции (АБИИ) во својство на претставник од Азија, пишува интернет-изданието на „Азија Тајмс“.

Според информациите на соговорник на јужнокорејската агенција „Јонхап“ кој учествува во четвртата рунда преговори за условите на функционирање на АБИИ, пишува изданието, уделот на акциите со право на глас на Јужна Кореја ќе се намалат од првично планираните 4-5% на 3-3,5% поради стапувањето на Русија во АБИИ со статус на претставник од Азија.

„Доколку се потврди оваа информација, регистрирањето на Русија во својство на азиски член на АБИИ ќе биде доказ за привилегираниот статус и посебните односи меѓу Москва и Пекинг кои се зацврстуваат околу заедничките геополитички интереси. Тоа исто така ќе ѝ овозможи на Русија да добие поголем број гласови во одборот на директори на банката која се смета за алтернатива на институциите на чие чело се САД“; пишува изданието.  

Правилата за раководење со банката  ќе бидат официјално објавени од страна на Кина подоцна, истакнува „Азија Тајмс“. Според информациите на кинеските медиуми, уделот на азиските членки во АБИИ ќе  биде 75% акции со право на глас, додека останатите 25%  ќе бидат распределени меѓу неазиските членки. До потпишувањето на финалната „Спогодба за условите“ во Сингапур ќе се одржи уште една рунда преговори меѓу Кина и земјите поканети за учество во финансискиот проект.

Порталот исто така истакнува дека во другите меѓународни институции, како Светска банка и Азиската банка за развој, Русија присуствува како претставник од Европа.

АБИИ беше создадена на иницијатива на Кина во 2014 година. Спогодбата за основање на банката беше потпишана од 21 земја. Седиштето на банката е во Пекинг. Основачкиот капитал на банката изнесува 100 милијарди долари. Се очекува завршното формирање на меѓународната банкарска структура да трае до крајот на оваа година. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.