Британскиот весник „Фајненшел Тајмс“ пишува дека годинава Денот на победата над нацистичка Германија треба да биде посебен: на светов остануваат сѐ помалку учесници во Втората светска и Великата Татковинска војна, како и луѓе кои ги снашло тоа мачно време. Притоа свеченостите во чест на 70-годишнината од Победата ќе бидат донекаде засенети од тешката политичка ситуација во Европа.
Како што потсетува изданието, пред 10 години, на денот на 60-годишнината од поразот на Третиот рајх, претседателот на РФ Владимир Путин ја прими парадата на Победата на Црвениот плоштад во опкружување на голем број светски лидери. Чест на паднатите војници-ослободители им оддадоа претседателите на САД и Франција, како и канцеларот на Германија.
Оваа година шефовите на западните земји одбија да допатуваат во рускиот главен град. Како причина за таквата одлука ја наведуваат ситуацијата на истокот на Украина. ЕУ и САД сметаат дека руската страна учествува во внатреукраинскиот конфликт. Освен тоа, Западот не ги признава резултатите од референдумот во Крим и неговото присоединување кон РФ.
Сепак, како што пишува изданието, „секој од западните лидери којшто ја разбира големината на улогата на СССР во поразувањето на нацистите, а кој се откажал од учество во свеченостите кои ќе се одржат на денот на 70-годшнината од Победата во Москва, треба да жали за својата одлука“.
„Фајненшел Тајмс“ потсетува дека во текот на Втората светска војна на бојните полиња и во окупираните зони загинале над 20 милиони советски граѓани. А за време на блокадата на Ленинград загинале повеќе луѓе отколку што изнесуваат вкупните загуби на Велика Британија и Соединетите Американски Држави во текот на целата војна. „Сталинградската и Курската битка станаа пресвртни моменти во целата Втора светска војна. И улогата на Русија во борбата со фашизмот беше централна и извонредно важна. Тоа никогаш не смее да се заборави“, потенцира весникот.
Празникот на 70-годишнината од Победата би требало да биде момент на обединување на целиот свет, како и знак дека најтешката лекција, извлечена од најголемиот конфликт во историјата на човештвото, е научена.
Читателите на сајтот на „Фаненшел Тајмс“ искажаа мислење дека никаква политичка ситуација не треба да ја засени улогата на СССР и советскиот народ во борбата со германско-фашистичките агресори. Еден од нив пишува: „Невозможно е да се сфати отсуството на западните лидери. Ако не беше СССР, сите ние ќе зборувавме германски“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.