Вселенскиот брод „Прогрес М-27М“ може да кружи уште една недела околу Земјата

Руски вселенски товарен брод почна неконтролиранo да понира од орбитата, соопшти извор од вселенската индустрија, пренесува РИА „Новости“.

Денеска беше свикан вонреден состанок на стручњаците во „Роскосмос“ за да се донесе одлука што да се преземе околу вселенскиот товарен брод „Прогрес М-27М“ кој почна постепено неконтролирано да понира од орбитата.

„Бидејќи не успева да ги вклучи моторите и да изврши маневар за корекција на движењето, вселенскиот товарен брод постепено излегува од орбитата. Брзината на паѓањето ќе варира  во зависност од состојбата на атмосферата и соларниот ветер, но во целина бродот само ова деноноќие изгуби десетици метри во висина. Ќе може точно да се пресмета датумот и областа на падот на фрагментите од „Прогрес“ кои не изгореле во густите слоеви на атмосферата единствено неколку часа откако ќе се случи тоа“, изјави соговорник за РИА „Новости“. 

Нови обиди да се стави под контрола „Прогрес М27-М“ засега нема да се преземаат од страна на специјалистите на Контролниот центар на мисијата,  соопшти претходно извор кој учествува од вчера во активностите за стабилизирање на летот на вселенскиот брод.

Сателитското следење покажува дека „Прогрес“ се движи со брзина од  7,46 километри во секунда, односно 27 358 километри на час и дека во моментов се наоѓа некаде над Атлантскиот океан. Британскиот весник „Гардијан“ соопшти дека бродот може да кружи околу Земјата уште цела недела.

„Прогрес М-27М“, кој во вторникот беше лансиран кон Меѓународната вселенска станица, го продолжува летот во режим на неконтролирано „вртење“. Инцидентот се случи во вторникот, кога товарното летало „Прогресс-М27М“ по лансирањето од „Бајконур“ поради необјаснети причини излегло во непресметана орбита и не може да се присоедини со МВС.

Трошоците за неговото лансирање изнесуваа 2,6 милијарди рубли, изјави денеска раководителот на „Роскосмос“ Игор Комаров. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња