Медиуми: Британските разузнавачи добија инструкции како да се спасат од „руските шпиони“

Шефовите на британското разузнавање сметаат дека нивните вработени и членовите на нивните семејства можат да станат предмет на уцена од „агентите на Кремљ“, пишува „Дејли Експрес“.

Тајната служба на британското разузнавање во странство МИ-6 испратила циркуларно писмо до своите вработени во кое се пропишани правила на однесување при обид на руските тајни служби да воспостават контакт со нив, пишува „Дејли експрес“.

Раководителите на службата за разузнавање на Велика Британија сметаат дека вработените на МИ-6 и членовите на нивните семејства можат да станат предмет на уцена од „агентите на Кремљ“ кои бараат нови начини да дојдат до тајни информации.  

Шефовите на МИ-6 го предупредуваат персоналот дека можат да наидат на најразлични замки, од притисок врз самите службеници, до подмитување и секакви  „мамки“, вклучително и жени-заводнички.

Во таквите случаи предвидено е службениците итно да се јават на телефонски број за итни случаи, затоа што проблемот може да претставува реална закана за безбедноста на Велика Британија, пишува весникот.

„Руските тајни служби остануваат многу активни и продолжуваат да воспоставуваат контакти со активни и поранешни членови на владата на нејзиното Височество“, се вели во службениот допис. 

Вработените на МИ-6 со кои странските агенти се обидуваат да воспостават контакт треба да признаат само дека работеле во британското МНР. Потоа тие треба „учтиво да одбијат воспоставување контакт и јасно да им стават до знаење дека тие ќе го пријават инцидентот во секторот за безбедност на Министерството за надворешни работи и Комонвелтот при првата можност“.

Британските тајни служби сметаат дека во моментов на територијата на нивната земја се наоѓаат околу 80 лица кои работат за Службата за надворешно разузнавање на Русија – повеќе отколку во текот на студената војна, пишува изданието. Притоа „заканата од страна на Русија расте секој ден“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.