Министерството за вонредни ситуации на Русија и Министерството за внатрешни работи на Индија планираат да ја засилат соработката на полето на развојот на системот за вселенски мониторинг и заедничка подготовка на единици за спасување, пренесува РИА „Новости“.
"За нас е разумно поенергично да ги реализираме сите планови, проекти и програми на полето на подготовка на сили за реакција во вонредни ситуации, координација на нашата заедничка работа на полето на мониторинг, прогнозирање на вонредни ситуации, подготовка на специјалисти. Има уште многу правци во кои сме подготвени да соработуваме“, изјави министерот за вонредни ситуации на РФ Владимир Пучков ја текот на средбата со министерот за внатрешни работи на Република Индија Раџнат Синг во рамките на 3 светска конференција на ООН за намалување на ризиците од несреќи која се одржува од 14 до 18 март во градот Сендаи во Јапонија.
Според министерот, особено полезно би било обединувањето на напорите на Русија и Индија на полето на развој на систем за вселенски мониторинг како на површината на земјата, така и во вселенското пространство.
„Денеска, за жал, човештвото нема технологии кои можат да го мониторираат пространството околу земјата. Обединувањето на потенцијалите на Русија и Индија ќе овозможи создавање на такви технологии, а соработката ќе биде полезна и конструктивна. Јас веќе не зборувам за познатиот проблем со вселенскиот отпад кој веќе претставува реална закана“, потенцираше Пучков.
Првиот човек на МВС РФ предложи на постојана база да се организира соработка на Националниот центар за управување со кризи на Русија и соодветните структури на Индија. Освен тоа, тој го поддржа предлогот на Синг за организирање заедничка подготовка на спасувачки единици.
Министерот за вонредни ситуации на РФ ги покани индиските колеги на меѓународниот саем „Интегрирана безбедност и сигурност - 2015“ што ќе се одржи во Москва во мај.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче