Концернот „Калашников“, кој е дел од државната корпорација „Ростех“, се договори за купување на контролниот пакет (51 процент) акции на рускиот дизајнер и производител на беспилотни летала ZALA Aero, соопштува „Лента.ру“ од изложбата IDEX-2015. Концернот планира да започне во Русија со производство на разузнавачки беспилотни летала од различен тип.
„Врз база на концернот „Калашников“ и компанијата Zala Aero планираме да дизајнираме и произведуваме беспилотни летала, како и мобилни и надземни станици за управување, истакна генералниот директор на претпријатието за производство на оружје Алексеј Криворучко. – Основни производи ќе бидат беспилотните авиони, хеликоптери и аеростати“. Раководителот на „Калашников“ соопшти дека одлуката за купување на пакетот акции на ZALA Aero е донесена во рамките на стратегијата за развој на концернот до 2020 година.
Беспилотните летала ќе се користат за различни воени, цивилни и специјални задачи, вклучувајќи мониторинг на особено опасни објекти и истражувачки работи.
Изложбата IDEX-2015 се отвора денес, 22 февруари, во Абу Даби.
Изложбата се одржува во Обединетите Арапски Емирати на секои две години, почнувајќи од 1993 година. Таа е под патронат на владата и претставува една од најпретставителните меѓународни изложби на вооружување. Вкупниот износ на договорите кои се склучуваат во текот на манифестацијата изнесува стотици милиони долари.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.