Нивото на Бајкалското езеро се спушти на минималното ниво определено од владата на РФ – 456 метри. Ова го соопшти раководителот на Руски водни ресурси Марина Силвестерова на оперативниот состанок со министерот за природни ресурси и екологија Сергеј Донски.
За зачувување на природните системи на единственото од таков вид езеро, владата на РФ определи минимално и максимално ниво на вода во него - 456 и 457 метри. Неговото одржување требаше да обезбедува хидроенергија за хидоцентралата на реката Ангара. Меѓутоа во врска со недоволното количество вода поради малото количество врнежи во 2014 година се појави опасност по водоснабдувањето на градот Ангарск. Поради тоа владата на РФ дозволи да се намали нивото на Бајкалското езеро под определената граница. Се претпоставува дека за решавање на проблемот ќе биде доволно да се намали за 20 цм.
Министерот за природни ресурси и екологија на регионот Олег Кравчук изјави: „Според прогнозите на Хидрометеоролошкиот центар, обилно топење на снеговите ќе има во третата декада на април и ќе продолжи во почетокот на мај, што ќе доведе до зголемување на дотокот во Бајкалското езеро. Тогаш ќе можеме да зборуваме за режимот на зголемена готовност. Дотогаш нема да го укинеме.“
Во јануари 2015 година во Иркутската област и во Бурјатија во врска со приближувањето на водата во Бајкалското езеро до минималната граница, беше воведен режим на зголемена готовност. На 4 февруари владата на РФ усвои документ кој дозволува водата да поминува преку иркутската хидроцентрала без ограничување.
Во Министерството за вонредни ситуации на Русија изјавија дека институцијата ќе ја преземе контролата над сите општествено важни и потенцијално опасни објекти во случај на екстремен недостиг на вода во Бајкалот. Во моментов е организирана постојана контрола на нивото на водата во Бајкалското езеро и на реката Ангара, направен е регистер на извори на водоснабдување, проверени се сите доводи на вода во Ангарск, организиран е мониторинг врз квалитетот на водата за пиење во населените места и установите за рекреација на децата, се врши контрола на активностите на населението и функционирањето на економските објекти.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче