Европската унија го прошири списокот со санкции во врска со ситуацијата во Украина. Информацијата е објавена во „Службениот весник“ на ЕУ, пренесува INTERFAX.RU.
На списокот се најдоа 19 физички и 9 правни лица. Санкциите стапуваат на сила од моментот на објавувањето.
Санкциите особено ќе ги погодат пејачот Јосиф Кобзон, пратеникот во Думата од редовите на Комунистичката партија на РФ Валериј Рашкин, заменик-министерот за одбрана на РФ Аркадиј Бахмин и заменик-командандантот на корпусот на Министерството за одбрана на ДНР Едуард Басурин.
„Горд сум“, напиша Рашкин на својот профил на Твитер, коментирајќи ја веста за проширувањето на списокот со санкционирани лица. Тој појасни дека го смета списокот на ЕУ за список со борци против фашизмот. „Историјата ќе стави сѐ на своето место, како што стави во 45-та година“, додаде тој.
Одлуката за проширувањето на антируските санкции беше донесена на заседанието на Советот на Европа на 29 јануари во Брисел.
Црниот список на ЕУ стигна до 151 државјанин на Русија и Украина, вклучувајќи претставници на раководствата и безбедносните структури на РФ, редица руски пратеници и претприемачи, претставници на локалното раководство на Крим, како и редица државјани на Украина, меѓу нив политичари-опозиционери на Киев и лидерите на прогласените ДНР и ЛНР. Бројот на компании кои се најдоа под санкции се искачи на 37.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче