Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Данска, Литванија и Естонија упатија заедничко писмо на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини со предлог на следниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кој треба да се одржи на 19 јануари, да се разгледа прашањето за јакнење на стратешките средства за информирање на ЕУ како внатре, така и надвор од Унијата, пренесува агенцијата ТАСС.
„Русија интензивно ги користи медиумите за да манипулира со јавното мислење и за да пропагира свои ставови околу многу прашања, вклучувајќи и за ситуацијата во Украина“, изјави министерот за надворешни работи на Данска Мартин Лидегор. Според неговите зборови, „пропагандата е една од главните компоненти на хибридната војна и ние немаме адекватен одговор на овој предизвик“.
Во писмото се наведува низа на идеи за тоа што Европската унија може да направи во борбата против руската пропаганда, пренесува агенцијата. Меѓу другото, се предлага основање на „ТВ канал на руски јазик кој би емитувал забавна програма и вести за руските граѓани во Европската унија и надвор од неа“. „Единствен долгорочен одговор би било основање на постојани медиумски куќи на руски јазик“, изјави Лидегор.
Освен тоа, ова ќе биде една од темите за време на претседавањето на Данска со Советот на министри на земјите од Северна Европа.
Летонија кон крајот на декември 2014 апелираше на ЕУ да издвои средства за отворање на сопствен ТВ канал за државјаните на земјата кои зборуваат на руски јазик, а Естонија усвои државен буџет за 2015, во кој се предвидува издвојување на 2,5 милиони евра за отворање на ТВ канал на руски јазик.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче