Пет години после августовската војна, Русија и Грузија започнуваат со бавни чекори да се движат еден кон друг. Двете држави јасно ги обележаа границите и отстапките на кои се подготвени во заемните односи. Атмосферата е подгреана од различни инциденти, како на пример, неодамнешната појава на руски војници на грузиска територија и поместување на границата во реонот на Дици - мало село на северо-запад од Тбилиси. Тоа место не се разликува по ништо од другите населени места во реаонот, освен по едно - зад селото започнува територијата на Јужна Осетија. Истата таа република поради која пред пет години започна кратка војна во која Грузија изгуби.
Иако од тогаш воинствениот набој меѓу двете страни падна, тешко е да се зборува за мир. Во тоа се уверија жителите на Дици на 5-годишнината од конфликтот. Во едно прекрасно сончево утро во соседните полиња се појавија руските граничари кои започнале да ја обележуваат границата. Во тоа немало ништо чудно, освен ако се земе предвид фактот дека Русите ја поместиле границата за 300 метри во грузиска територија, што не е предвидено според договорите меѓу двете страни.
Реакцијата на грузиските власти беше мека. Грузискиот премиер за смирување на локалните жители го зголеми бројот на полицајци во Дици, а исто така ги замоли набљудувачите од ЕУ почесто да патролираат во околината.
Почеток на затоплувањето на односите?
Пред неколку години ваквото спокојство беше невозможно. Двете страни често си
„давале удари“. Но тие времиња заминаа во минатото. После промената на власта
во Грузија, премиерот Иванишвили одново ги разгледа односите и политиката кон
Русија но и кон сепаратистичките републики.
Со доаѓањето на власт на политичар-милијардер, Грузија се откажа од антируската реторика на претходниот претседател и се сосредоточи на барање на заемно разбирање со Русија, Апхазија и Осетија. Прв чекор кон тоа е учеството на Грузијците во Олимпијадата во Сочи, а Тбилиси нема да повика на бојкот на игрите. Освен тоа, Иванишвили назначи специјален претставник за водење преговори во Москва (официјалните дипломатски односи меѓу двете држави од 2008 година се прекинати), кој треба да разговара со Кремљ и за можноста за возобновување на авиолиниите и железничкиот сообраќај меѓу двете земји.
Отстапките не се само кон Русија. Грузијците дозволија транзит на стока преку грузиската територија во Апхазија, го олеснија преминот преку границата, а исто така воведоа олеснувања за Апхазијците кои сакаат да добијат виза.
Граница на отстапките
Иванишвили смета дека благодарејќи на тие отстапки, тој ќе успее да постигне многу повеќе отколку неговиот претходник. И тој делумно е во право. Во оваа година после многу години на рускиот пазар се вратија грузиските вина и познатата минерална вода „Боржоми“. Ембаргото на тие продукти, кое Русија го воведе во 2006 година, негативно се одрази на економијата на Грузија, која воопшто не успеа да ги компензира губитоците. Претседателот Путин во интервју за каналот Russia Today го пофали стремежот на Грузија да ги нормализира заемните односи, но забележа дека прашањето за „независноста“ на Апхазија и Осетија не подлежи на дебата. Грузија, сепак, треба да започне со порадикални промени во својата политика.
Руските проблеми
Инцидентот на границата покажува на каков начин Русија ги користи и ќе продолжи да ги користи двете републики при вршење притисок врз Грузија. Сепак, и покрај општото верување дека Москва има целосна контрола врз Апхазија и Јужна Осетија, тоа во реалноста и не е баш така. Дури обратно: во одреден степен двете републики станаа за Русите тежок товар.
Русија поради нив истрпи многу срам на меѓународната арена, веднаш откако независноста на двете републики ја призна само една шака држави (Никарагва, Венецуела, Науру и Тувалу. Вануату ги призна, но покасно го повлече своето решение), меѓу кои нема ниту еден член од прорускиот ЗНД.
Жителите на двете нови републики не секогаш се пријатни партнери за Русите во билатералните односи. Во 2010-2012 година Москва во Јужна Осетија испрати околу 1 милијарда евра. Поголемиот дел од тие пари заминаа на пополнување на локалниот буџет, кој 90% е зависен од руските дотации, додека останатите средства требало да заминат за изградба на она што било срушено во војната. Сепак, тоа не се случи. Министерството за градежништво на Јужна Осетија изјави дека реконструкцијата ќе се заврши дури во 2015 година, што наведува да се постават прашања за судбината на средствата кои Москва ги испраќа во регионот.
Во Апхазија исто така помошта не си ја наоѓа својата адреса. Но тоа е само еден од проблемите. Апхазите и Русите водат спор за територија од 160 квадратни километри, и ниту една од страните не се повлекува. Жителите на таа мала република ја докажаа својата непопустливост: тие воопшто не сакаат да ја вратат недвижнината на Русите кои живееле на таа територија, а успеаја да „освојат“ четири одморалиште кои ги поседуваше Министерството за одбрана на Русија
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче