Сергеј Иванов: Разоружување во замена за ПРО

Москва не е подготвена за ново намалување на нуклеарното вооружување и не гледа перспективи во преговорите со Вашингтон за американскиот систем за ПРО во Европа. Имено ПРО е кочница за било какви договори. Ова го изјави поранешниот министер за одбрана на Русија, Сергеј Иванов. Светлина на крајот од тунелот нема, додаде Иванов.

Сергеј Иванов во интервју за рускиот весник „Комсомолскаја правда“ потсети дека актуелниот изглед на плановите за ПРО предизвикува многу несогласувања. Реалната конфигурација на американскиот штит во Европа нема никаква поврзаност со опасностите од страна на Северна Кореја или Иран. Сето тоа го поткопува балансот на силите. Во новонастанатата ситуација, Москва не може да се одлучи на намалување на нуклеарниот арсенал. И без тоа, таа заостанува од САД.

Зборовите на Иванов можат да се сметаат за прв одговор на Русија на неодамнешниот предлог на Белата куќа за намалување на нуклеарниот арсенал. Овој предлог беше донесен во Москва од заменикот на државниот секретар на САД, Роуз Гетмилер. Не се познати деталите на предлогот, но според податоците на медиумите од Вашингтон, се работи за намалување на нуклеарниот арсенал во двете земји за една третина. На денешен ден САД имаат 1.700 нуклеарни глави. Според договорот СТАРТ-3, нивниот број до 2018 година треба да се намали до 1.500 единици. Обама со новиот предлог сака да се намали бројот до 1.000 единици.

Додека не се направи договор за ПРО, бесмислено е да се зборува за понатамошни намалувања на нуклеарните арсенали. Сергеј Иванов даде сосема добра изјава, и тоа мислење коинцидира со мислењето на воениот консултант во рускиот аналитички ПИР центар, генерал-полковник во пензија, Евгениј Бужински.

Офанзивното и одбранбеното стратешко вооружување е тесно поврзано меѓу себе. Кон крајот на 60-те години во минатиот век, Американците изнесоа иницијатива: да се направи договор за ПРО пред да се започнат преговори за намалување на стратешкото вооружување. Ние со тоа се согласивме. Договорот за ПРО функционираше 30 години. Сѐ беше нормално. Сега Американците овој баланс го кршат. Тие сакаат да го намалат вкупниот офанзивен, и истовремено да го зголемат својот одбранбен потенцијал. Како во такви услови Русија може нешто да намалува?

Сергеј Иванов алудираше дека во предлозите на Вашингтон има премногу лукавство, за да можат да се сфатат сериозно истите. Русија неодамна го заврши модернизирањето на своите стратешки нуклеарни сили, а Американците одамна немаат извршено модернизација. Во такви услови, според мислењето на Иванов, за Русија нема смисла да се договори ново намалување.

Изјавата на Сергеј Иванов не значи дека Москва одбива да преговара со САД. Кремљ очекува дека САД ќе започнат да ги почитуваат спротивните страни во разговорите за разоружување, како што тоа го бараат принципите на партнерските односи. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња