Русите ја бојкотираат серијата „И токму така...“ поради шега за руска проститутка

Russia Beyond (Photo: HBO)
Продолжението на серијата „Сексот и градот“ ги иритираше гледачите во Русија. Тие го обвинуваат сервисот HBO Max за селективна инклузивност, менување на агендата и лицемерие. Затоа ја бојкотираат серијата, потпишуваат петиција и бараат официјално извинување.

55-годишната Кери Бредшо живее во луксузен стан во најдобриот дел на Менхетен. Сега е вдовица на милионер. Нејзината нова сосетка од катот подолу „со разголено раме, со прекрасен накит или нешто специјално околу вратот“ е плукната Кери од 90-тите. Се забавува до доцна во ноќта, се бакнува на влезот со убавци, слуша музика цела ноќ.

Само едно прашање не ѝ дава мира на Кери. Од каде ѝ на младата девојка пари за стан во Апер Ист Сајд? За тоа се распрашува кај својата другарка која се занимава со недвижен имот.

„Руска проститутка“, веднаш одговара другарката. „Од каде знаеш?“ –прашува Кери. „Тоа е нормална појава во скапите станови“, одговара таа. И тоа е сé. Тоа е целата шега што можеше да се слушне во осмата епизода од серијата...

На Инстаграм, под објавата на HBO со најавата на серијата руските гледачи почнаа масовно да оставаат негативни коментари под хаштагот #metoorussian и да ја обвинуваат компанијата за нетолеранција и двојни стандарди. Незадоволните руски емигранти во САД покренаа петиција на change.org и бараат официјално извинување, а компанијата, како што наведуваат некои корисници, засега само ги отстранува гневните коментари.

Навредени Русинки  

„Ние сме Русинки кои сме навредени и понижени. <...> Русинките се вредни, образовани и интелигентни. Пораката што ја емитувате е навредлива, понижувачка и безобразна! Тие се обидуваат да се ослободат од овој ужасен стереотип. Тие вредно работат, учат и заработуваат за своите семејства додека вие ноншалантно ги нарекувате курви во една од вашите епизоди“, вака реагира руската заедница во САД.

Во коментарите најмногу негодување предизвика „селективната инклузивност“. Многумина забележаа дека серијата е типичен пример за „новата стерилност“, каде што авторите строго внимаваат да не навредат ниту една социјална група, но си дозволуваат таква шега на сметка на Русинките.

„Гнила толеранција! Едни жестоко ја бранат, а во исто време си дозволуваат да ги понижуваат и навредуваат другите“, пишува корисничката Соња Петрова.

„Во телевизиска серија која претендира да биде феминистички ориентирана, толерантна спрема луѓето со различна боја на кожата и ЛГБТ популацијата вие велите дека девојка која живее во скап стан мора да биде курва и користите национална одредница? Навистина мислите така? Размислете што кажавте, би требало да им се извините на Русите!“ – пишува Сандра.

„Срам да ви е! Се борите за човекови права и слободи ширум светот, а во исто време ширите навредливи стереотипи за жените во Русија“, коментира bogoslovskaya_k.

Многумина коментатори апелираа да се бојкотира серијата и очекуваат епизодата да биде отстранета од платформата на HBO Max. Дел од публиката додава и дека исчезнуваат негативните коментари под објавата: „Навистина ги кријат сите коментари и хаштагот со #metoorussian. Тоа е причина голема мрежа како HBO да се засрами“.

Нова агенда?

Ова не е прв случај во последните месеци словенските жени да станат предмет на скандалозни шеги и аналогии на западните телевизии. Гледачите се потсетуваат на серијата на Нетфликс „Емили во Париз“, каде во една епизода главниот женски лик оди на шопинг со една Украинка и крадат нешта. На предлогот да ги врати работите Украинката одговара дека тоа нема да го направи, бидејќи се плаши од депортација.

Петра и Емили

На овој инцидент кон крајот на 2021 година укажа и министерот за култура и информации на Украина Александар Ткаченко, кој рече дека ликот на една Украинката по име Петра е карикатура. „Нетфликс“ му одговорија на Ткаченко дека ја примиле критиката и дека ќе спречат вакви случаи во иднина.

Руските гледачи сметаат дека се работи за „промена на агендата“: „Во САД денес не смеете да се пошегувате со ништо, но! можете да го замените зборот Мексиканец/геј/Афроамериканец со Русин и цензурата ќе го пропушти тоа. Тоа е проблемот“.

Навреда на чувствата   

Меѓутоа, има и такви кои не гледаат ништо навредливо во шегата од серијата и сметаат дека навредените чувства се негативна појава на модерното време.

„Сè уште не можам да разберам како се случи во ерата на „Саут парк“ да израснат неколку генерации кои се вреѓаат од сé и сешто“, пишува Петар Козлов.

„Какви идиоти! А се сеќавате ли на времето кога никој не се навредуваше од ништо? Во секој втор филм имаше злобен Русин или просто карикатура од човек и нас нé забавуваше тоа“, се потсетува „Воени меч“. „Руска мафија е ОК. Руска проститутка не е ОК“, пишува Миржан Досимбаев.

Колумнистката на Газета.Ру Јулија Меламед пишува за појавата на „навредени чувства“, која понекогаш доаѓа до апсурд: „Сонувам дека ќе го дочекам времето кога руските проститутки ќе се навредат. Ќе напишат протестна нота до ОН. Ќе почнат да демонстрираат пред амбасадите. Ќе одржат прес-конференции“.

Засега HBO Max не реагираше на овој скандал, серијата и понатаму е достапна на стриминг-сервисот.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња