Зошто во Русија не постои приватност?

Павел Смертин/TASS
„Кога ќе имате деца?“ „Нешто си ми се поправила!“, „Ау, ама сме чувствителни!“ Во Русија многумина речиси секојдневно се среќаваат со голем број случаи на нарушување на личниот простор и на правото на приватност. Дали станува збор за невоспитување или за културна специфичност?

Тоа често се случува во продавниците во редовите на каса: и покрај пандемијата, некој задолжително ви дише во врат или ве турка со својата торба. Многумина и денес дури и во самото семејство мораат да ги слушаат родителите и роднините кои не престануваат со прашањата „кога ќе те мажиме/жениме?“, „кога деца?“ Или дури се обидуваат да влијаат на секојдневниот живот на своите полнолетни цеца, од изворот на професијата и партнерот до уредувањето на станот или на начинот на живеење.

Родени во СССР

Во Русија е позната анегдотата: „Зошто не треба да имате секс на Црвениот плоштад? -Минувачите ќе ве удават со совети“. Наследство од „земјата на советите“ се несаканите совети, додека наследството од социјализмот се огледа во тоа дека секого сè засега.

„Во советско време културата на најмасовниот дел од жителите, селаните и работниците, стана владејачка. И за норма се сметаше она што е карактеристично за оваа класа“, објаснува главниот научен соработник на Центарот за стратешки истражувања на Научно-истражувачкиот универзитет „Висока школа за економија“ Наталија Тихонова. „За нив темата на пригодите и на семејните односи не беше табу“.

Феноменот на советските комуналки

Феноменот на советските заеднички станови им ја одзеде на луѓето можноста да се осамат и да ја зачуваат приватноста на личниот живот. По Револуцијата раскошните благороднички станови и вили беа „густо населени“: секоја соба добиваше станар, а понекогаш во неа се сместуваше цело семејство, додека бањата и кујната беа места за заедничко користење.

Затоа во педесеттите години од минатиот век, кога почнаа масовно да добиваат одделни станови, луѓето беа среќни дури и ако добијат и најмал и скромен, но сепак сопствен стан.

Освен тоа, во СССР постоеше процедура на социјална контрола. Маж или жена кои беа неверни или кои многу пијат можеа едноставно да бидат повикани пред суд од колега на работа или да бидат исфрлени од комунистичката партија.

Поради повеќегодишното мешање во приватниот живот, воопшто не постоеше поимот приватност. Ова важи и денес.

Во Рускиот јазик не постои збор за приватност

„Нема да ми недостасува кога луѓето во аптека ти загледуваат преку рамо и те прашуваат: зошто земаш толку скап лек“, има напишано американската новинарка Џулија Јофе, коjа по неколку години работа во Русија се врати во САД.

Англискиот збор 'privacy' во речниците се објаснува како „да се биде сам и невознемирен; право на отсуство на вознемирување или на внимание од страна на јавноста“. Овој збор нема еквивалент во рускиот јазик.

Лингвистката Татјана Ларина смета дека како еквивалент може да послужи поимот „автономија на личноста“. Правото на самотија во англискиот јазик е важен културен феномен, додека во руската култура овој поим е слабо застапен и често го знаат само правниците.

Странците се во шок

Додека Русите главно се навикнати на нарушување на личниот простор и на приватноста, странците во Русија понекогаш се навистина шокирани поради нетактичното, од нивна гледна точка, однесување. Лучија од Италија неколку години има живеено во Русија и повеќе пати се има сретнато со оваа појава. Управничката на студентскиот дом во кој била сместена Лучија влегувала во нејзината соба без предупредување и без да чукне и ја наоѓала во пешкир или во пижами, но притоа воопшто не се збунувала. „Другарите ми објаснија дека тоа е дел од советскиот менталитет кога не постоела никаква претстава за приватност“, вели Лучија.

Французинот Ерван има живеено во различни градови во Русија и исто така повеќе пати се има сретнато со оваа „културна специфичност“ на Русите, така што со тек на време тоа престанало да го изненадува. Највпечатлив случај има доживеано во Нижни Новгород. Ерван една година студирал и изнајмувал стан недалеку од универзитетот. Сопственикот на станот од почетокот го прифатил како син и почнал „татковски“ да наминува секоја недела наутро без предупредување. Според него, во Франција луѓето барем ќе ве предупредат дека ќе ве посетат, а најчесто средба се организира однапред.

Неизбежно искушение за странците исто така се личните прашања од луѓе кои едвај ги познаваат. „Не можам ни да избројам колку пати ме имаат прашано 'дали сум оженет' веднаш штом ќе се запознаеме“, се смее Ерван. Лучија, исто така, на почетокот ја нервирале прашањата од речиси непознати луѓе за тоа колку заработува, дали планира да се омажи и да има деца, но потоа се навикнала и престанала да се чуди или да се вознемирува поради тоа.

„Да, во Русија дури и лекарите понекогаш немаат чувство за граница. Лекарка задолжително ќе ве праша кога планирате да имате деца, а ако одговорите дека не планирате, задолжително ќе ве праша зошто“, вели Русинката Марија, која израснала во Америка и која живеела во многу други земји. Таа, сепак, им советува на луѓето да не го доживуваат тоа како злонамерност или како невоспитување. „Русите се генерално заинтересирани за другите, отворени се и подготвени да помогнат. Тие не сакаат да го нарушуваат вашиот личен простор или да ве доведат во непријатна ситуација. Тоа е едноставно нивна национална особеност или нешто такво. Научив да не си го ставам тоа при срце“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња