Американски експерти открија строго чувана тајна за руското оружје на апокалипсата „Посејдон“

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Американскиот магазин „Национален Интерес“ објави материјал во кој се соопштува дека рускиот длабоководен дрон-торпедо „Посејдон“ е развиен уште во 1989 година. Ваквата констатација е изведена врз основа на проектот ГРАУ 2M39, кој наводно е доделен на овој проект. Авторот на публикацијата Чарли Гао во својот труд користи архиви на државните набавки во различните стадиуми на развој на овој проект.

„Најголемото откритие до кое дојдовме е дека нуклеарниот реактор за проектот „Статус-6“ е развиен уште во 1992 година, значи во периодот кога на власт беше Борис Елцин“, се напоменува во материјалот што го пренесува рускиот интернет-портал РГ. „Во тоа време проектот го носел името „Скиф“, а неговите први прототипски хидродинамички тестирања почнале на почетокот на првата деценија на 21 век“, уверен е Чарли Гао. Тестирања во полн капацитет се извршени 2008 година кога како носечка платформа послужила опитната дизел-електрична подморница С-90 „Саров“. Ограничен комплет фотографии од ова испитување се појави на интернет на почетокот на оваа деценија, меѓутоа во тој момент никој немаше претстава што е тоа што руската морнарица го тестира.

Авторот понатаму напоменува дека забрзано се гради атомската подморница К-329 „Белгород“, за која се претпоставува дека ќе носи „Посејдони“, како и атомската подморница од петта генерација „Хабаровск“ која ќе има иста намена. Неофицијално се напоменува дека уште две подморници од класата „Антеј“ (К-132 „Иркутск“ и К-442 „Чељабинск) ќе бидат подигнати на стандардот „Антеј-АМ“ кој, според засега непотврдени информации, ќе овозможи употреба на „Посејдони“. Врз основа на овие показатели авторот смета дека набрзо во оперативна употреба ќе влезе целата неопходна инфраструктура (се мисли на носечките платформи) за складирање и употреба на дронот-торпеда „Посејдон“.

Оружјето на „Судниот ден“

Се работи за беспилотно нуклеарно торпедо со интерконтинентален дострел кое може во од да ја менува траекторијата на своето движење. Според западни разузнавачки извори, овие подводни апарати ќе бидат опремени со термонуклеарно оружје. Имено, просторот за полезен товар (боевата глава) ќе има должина од 6,5 метри. Според наводите на американското разузнавање, толку големиот простор волуменски е доволен за во него да може да се смети боева глава со сила од 100-150 мегатони ТНТ. Неодамна руски извори пренесоа податок дека стратешкиот нуклеарен подводен дрон-торпедо ќе носи боева глава со сила од 2 мт. Покрај нуклеарна боева глава, тој ќе може да носи и конвенционална боева глава, што е сепак малку веројатно со оглед на цената на еден ваков „колос“ која секако не е мал за операции на тактички план.

Прочитајте повеќе: Што знаеме за новиот нуклеарен подводен дрон Посејдон?