Како 11 животни и еден робот ги предвидуваат резултатите на Мундијалот во Русија

Начин на живеење
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Мачор, ракун, видра и тапир, но и кит, одат по стапките на октоподот Паул.

Во земјата која е зафатена од фудбалската треска влоговите се високи, обложувањата драматични, а 11 чудесни животни се повикани да ги предвидат резултатите од натпреварите... во Русија ништо ново.

За време на Светското првенство во фудбал 2010 година во Јужноафриканската Република октоподот по име од Оберхаузен во Германија се стекна со светска слава така што ги предвиде резултатите од 7 натпревари на германскиот тим. Паул ја „претскажуваше“ иднината така што бираше меѓу два сада со храна. Оттогаш животното стана вистински хит за предвидување на резултатите. Меѓутоа, тоа не е нов изум: во старо време тоа била вообичаена пракса.

Во Русија оваа забава зеде замав. Во моментов повеќе од 11 животни ширум Русија ги претскажуваат резултатите од натпреварите.

Глувиот мачор по име Ахилеј, жител на музејот „Ермитаж” во Санкт Петербург, ја предвиде победата на Русија во првиот натпревар против Саудиска Арабија така што избра меѓу две чинии со храна. Истиот метод го користи и ракунот по име Нафања од Иркутск. Нафања е веќе искусен врач: тој ја предвиде победата на Русија на Светското првенство во хокеј 2015 година.

Во Сочи видрата Хари го претскажа истиот резултат така што без двоумење ја избра топката во бои на руското знаме од двете понудени топки.

Во Нижни Новгород иднината ја гледа тапирот Клеопатра, додека нилските коњи Миља и Гљасик ги даваат предвидувањата во Калиниград.

Во градот Химки (недалеку од Москва) ирвасот Јаша предвиде дека Русија ќе се пласира во плеј-офот (и ние стискаме палци да биде така).

Изгледа дека дури и китовите се интересираат за фудбалот: белиот кит по име Пузирјок (Балонче) од Анапа без проблем ја предвиде неодамнешната победа на Русија над Саудиска Арабија.

Но, не се само животните повикани во друштвото на пророците. Роботот по име Бакстер, кој се наоѓа во московскиот изложбен центар ВДНХ, ја користи својата вештачка интелигенција за да ја предвиди иднината. Тој ги заснова своите резултати на претходните натпревари, што е за него своевиден одмор од играта „икс-нула“ во која обично се натпреварува со посетителите.

Прочитајте повеќе: Белгија ќе го освои Светското првенство во фудбал – вели една коза!