Во раните утрински часови (околу 03 часот) успешно е пресечен обид на еден моторизиран одред на терористите на тнр. Исламска држава од правец на населеното место Ал Танф преку пустината да упадне во Палмира. За овој настан јавноста ја известија службениците на рускиот Центар за помирување на завојуваните страни кој дејствува во Сирија.
Поголема група терористи се обидела да се пробие низ ридскиот предел Гураб, но е забележана од страна на сириските војници кои се наоѓаат на однапред подготвени заседни места, соопштува руското Министерство за одбрана. Групата била со непозната јачина и се наоѓала на специјално преуредени пикап автомобили и мотоцикли.
Ноќниот судир бил жесток и краткотраен, а во него учествувала и авијацијата на Воздушно-космичките сили на руската армија. Со поддршка од авијацијата, сириските сили кои се наоѓале на заседните места успеале во целина да ја разбијат оваа група која набрзо се раштркала по околната пустина и отстапила во правец на населеното место Ал Танф кое инаку е под контрола на војската на САД (таму се наоѓа американска воена база). На местото на судирот останале телата на петмина терористи, уништени се еден пикап и еден мотоцикл. Загуби на страната на САА нема.
Сирискиот камп за бегалци „Рукбан“ се наоѓа во рамките на американската воена база во градот Ал Танф на крајниот југоисток на Сирија. Во него се наоѓаат стотици терористи кои побегнаа пред Сириската Арапска Армија од речиси цела Сирија, вклучувајќи ги и борците на тнр. Исламска држава чии единици неодамна претрпеа стратешки пораз на потегот Палмира-Деир ез Зор.
Инаку во овој камп владее катастрофална хуманитарна криза, затоа што американската војска едноставно не им дозволува пристап на меѓународните организации или групи за да им помогнат на тамошните луѓе кои се наоѓаат таму со своите семејства.