Британски писател: Заканите на англиските навивачи со „трета светска војна“ во Русија се измислица

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Познатиот британски писател Дуги Бримсон, автор на неколку книги посветени на англиските хулигани, ги коментира статиите во медиумите во кои се зборува за тоа како анонимен англиски хулиган им се заканува на руските навивачи со „трета светска војна“ за време на Светското фудбалско првенство.

Според него, на Русија и нејзините навивачи не им се заканува никаква опасност од Англичаните.

„Го читав тој материјал. За жал, англиските медиуми можат слободно да објавуваат слични приказни затоа што во земјата нема никој кој би можел да ги казни или барем да им постави одредени прашања. Можеби би вредело руската амбасада, или дури и ФИФА да ги испраша новинарите кои пишуваат такви налудничави приказни. Би сакал некој најпосле да се позанимава со нив затоа што тие се многу опасни“, го цитира Бримсон „Спорт-Експрес“.

Писателот вели дека никогаш не слушнал за навивачката група Smoggies Elite, чиј претставник, наводно, ѝ се заканувал на Русија. „Не верувам на ниеден збор во тој материјал и никогаш не сум слушнал за таа група. Сето тоа го измислил некој“, истакнува тој.

Бримсон исто така нагласува дека англиските навивачи нема да дојдат во Русија да си ја бараат бељата. „Тие ќе гледаат фудбал и ќе уживаат во посетата на вашата земја. Нема опасност од англиските навивачи“, додава Бримсон.

Дуги Бримсон е навивач на фудбалскиот клуб „Вотфорд“. Тој, како што вели самиот, порано бил член на навивачка група и се тепал со хулигани кои навиваат за други клубови. Бримсон во 2005 година го напиша сценариото за филмот „Хулиганите од „Зелената улица“ во која главната улога ја играше Илајџа Вуд.

Тоа што англиските навивачи се закануваа дека ќе приредат „пекол“ на СП 2018 во фудбал не се ништо освен „обиди за заплашување и провокација чија цел е на шампионатот да дојдат што помалку навивачи“, велат од Руската фудбалска федерација.

Претходно во британските медиуми се појавија соопштенија дека англиските фудбалски хулигани од навивачките групи кои поддржуваат различни клубови се обединиле за да направат во Русија „трета светска војна“ за време на СП 2018.

Прочитајте повеќе: „Русите ќе испијат повеќе од вас!“: Англичаните добија упатство за однесување на СП во фудбал 2018