Климов изјави дека „Американците и нивните сојузници направија сѐ при ракетирањето да ги избегнат руските единици во Сирија“, пренесува агенцијата „РИА Новости“.
Тој додаде дека САД и сојузниците „дејствуваат (...) како криминална банда која ги уништува трагите на своето недело, поврзани меѓу другото и со фалсификувањето на хемискиот напад“, потсетувајќи дека стручњаците на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) требало наскоро да дојдат во Сирија. Меѓутоа, САД и нивните сојузници не можат да се одречат од улогата на оние кои се „секогаш во право“, нагласи Климов.
Ноќта спроти саботата претседателот на САД Доналд Трамп објави дека издал наредба за ракетирање на Сирија. Во Дамаск одекнаа експлозии и се појавија соопштувања за срушени згради.
САД соопштија дека сите цели на американскиот ракетен напад наводно биле поврзани со сириската програма за развој на хемиско оружје. Згора на тоа, Пентагон не исклучи продолжување на ракетните напади врз Сирија. Амбасадорот на Сирија во Кина Имад Мустафа изјави дека Дамаск има намера да се обрати до Советот за безбедност на ОН со барање за преземање мерки против нескриената агресија на западните земји.
Во ракетирањето страдаа складовите на сириската армија на западот на провинцијата Хомс, соопшти извор во безбедносните структури на Сирија. Според зборовите на очевидците во центарот на Дамаск се слушнале експлозии, но не е оштетен квартот Абу Румиане, каде што се наоѓаат зградата на Владата и претседателската палата, пренесува агенцијата „РИА Новости“.
Покрај тоа, многубројни експлозии, според зборовите на локалните жители, се слушнале во провинцијата Хама.
Според информациите кои доаѓаат од сирискиот генералштаб, во синоќешниот напад на коалицијата предводена од САД, не загинал ниту еден сириски војник.
Според официјалните информации на рускиот Генералштаб, западната коалиција ја гаѓала Сирија со 103 ракети, вклучувајќи и употреба на крстосувачки ракети „Томахавк“. Сириската ПВО составена од стари советски комплекси соборила 71 крстосувачка ракета.