Православие и мода: Како во Москва работи првата продавница за православна облека

Начин на живеење
АНАСТАСИЈА РУБЕЉ
Кој купува православна облека и по што таа се разликува од обичната?

Пред една година во центарот на Москва беше отворена првата продавница за православна женска облека. Таа е дел од еден мал синџир продавници кои исто така постојат во Санкт Петербург и во Екатеринбург. Називот го имаат добиено по приказна на Пушкин, а муштериите не се само православни верници, ами и жени кои сакаат лежерен и удобен стил на облекување. Нештата во овој бизнис денес се одвиваат мошне успешно. Во 2017 година се појави новата есенска колекција, во голема мера се прошири асортиманот, се појавуваат нови услуги, а исто така компанијата го започна и својот нов сајт. Да видиме во што се состои толкавата популарност. 

Непишани правила за облекување 

„Во православието не постојат строги канони, но постојат непишани правила, и на нив се придржуваат сите оние што одат во црква. Облеката за во црква треба да биде скромна, без премногу впечатливи детали. Колената и лактите треба да бидат покриени, а жената треба да носи шамија“, вели Елена Цоколова, една од основачките на синџирот продавници за православна облека „Баришња-Крестјанка“ (името е дадено според приказната на Пушкин „Госпоѓица-селанка“). 

Идејата за отворање на оваа продавница во 2012 година ја добиле Елена Цоколова и Евгенија Карузина. Тие речиси истовремено отишле на породилно отсуство и започнале да бараат облека за крштевање. „Излезе дека не е лесно да се најде облека за во црква. Сè е премногу накитено, или не се покриени лактите и колената“, вели Елена Цоколова. „Поради тоа одлучивме да создадеме колекција за православните христијанки“. 

Сега продавници „Баришња-Крестјанка“ има отворено во Москва, во Санкт Петербург и во Екатеринбург. Во асортиманот има долги фустани и потсукњи, блузи и марами. Во понудата има и венчални фустани за оние на кои не им одговара премногу отворен крој. „Баришња-Крестјанка“ шие фустани од природни материјали за различни сезони. Назима се продаваат модели од волна, а налето од потенки материјали. 

Кој купува православна облека? 

„Меѓу нашите купувачи има само 30-40% луѓе кои редовно одат во црква. Тоа се жени на свештеници и оние кои се вработени во црква, како и христијанки кои држат настава во неделните школи при храмовите. Сите останати муштерии едноставно сакаат винтиџ и бохемиан стил на облекување, и макси сукњи и фустани“, вели Цоколова. „Има многу трудници и мајки кои дојат бебиња. Многу наши фустани се со таков крој што можат да се носат и за време на бременоста и по неа“. 

„Мене ми се допаѓа тоа што 'Баришња-Крестјанка' шие фустани во согласност со правилата за облекување на православните христијанки“, вели постојаната муштерика Елена Деменко од Санкт Петербург. „Ми се допаѓа тоа што можам да купам потсукњи. Ми одговара и високиот квалитет на материјалот и на шиењето. Доколку не би ми се допаѓал кројот и материјалот, не би купувала облека во продавница само затоа што е тоа православна марка“. 

Потсукњите во асортиманот на продавниците ја привлекоа и Ирина Росолимо од Москва. „Ги барав две години. Се обидував да објаснам во кројачките салони што сакам, и секогаш бев разочарана. А, во продавницата 'Баришња-Крестјанка' го најдов она што ми одговара, и тоа во неколку варијанти за различни годишни времиња“, вели  Ирина. „Мене не ми е важно тоа што продавницата се позиционира како православна. Тоа е реклама за оние кои бараат облека за одење во црква. За мене тоа се тоа едноставно фустани што ги носам“. 

Пристојно и привлечно 

„Меѓу православните христијанки има и такви кои се трудат да изгледаат привлечно, дури и во облека пригодна за одење во црква. Оваа продавница е како создадена за нив“, смета Ољга Сибирјова од невладината организација „Сова“. „Не може да се зборува за поголема побарувачка за ваква облека поради ширење православие. Сепак, помалку од половината муштерии доаѓаат поради православната облека. Можно е, меѓутоа, творците на оваа мрежа продавници да се ориентираа на православие зашто луѓето често ја поврзуваат црквата со екологијата и со природните материјали. Според тоа, веројатно православната култура тука се користи за стоката подобро да се продава“, тврди претставничката на оваа НВО.