Улична мода во Русија: штикли и мини

Извор: Владимир Вјаткин / РИА Новости

Извор: Владимир Вјаткин / РИА Новости

„Имам впечаток дека Русите, во крајна линија московјаните, повеќе се грижат за стилот и повеќе се во тек со модните трендови одошто Американците“, вели Лара, Американка која во Русија живее веќе неколку години. Ова е неочекувано. Особено за поголемиот број Руси, кои секогаш во себе по малку се срамат од својот изглед пред странците. Имено, тие се уверени дека сиот свет гледа на Русите како на некакви чудаци.

Русите навистина изгледаат поинаку. И за тоа постојат објективни причини. Долгиот период на живот зад „железната завеса“ им ја скусил на советските граѓани можноста да се облекуваат убаво и со стил. Светската мода до нас доаѓаше со задоцнување, главно преку филмовите и преку увозните производи, кои ретко продираа на советскиот пазар. Потоа требаше да се чека во долги редици за да може човек да ги купи. Потоа на заднината на оваа „несреќна модна судбина“ изби Перестројката и преминот кон пазарната економија. За волја на вистината, во тие деведесетти години од минатиот век западните компании се плашеа од рускиот пазар, па земјата беше преплавена со кинески и со турски „партали“. Народот дојде до блескави шари и имитации на накит од модните кроеви. Конечно добија можност да ја покажат својата индивидуалност. Денес во Русија се присутни речиси сите модни куќи, но кај многумина и понатаму остана тоа тежнеење кон неумереноста.


Извор: Иља Питалев / РИА Новости

„Најпрво вашиот стил се чини вулгарен, но кога ќе сфатите дека тука културата е поинаква, дека постои поинаква норма, се навикнуваш и сето тоа почнува да ти станува привлечно“, ми вели еден пријател кој неколку години живее во Франција. И додава: „Особено одлично изгледаат девојките, кои многу повеќе носат штикли и фустани, дури и назима, по снег... тоа ме восхити! А, мажите и постарите луѓе малку се грижат за надворешниот изгледа, барем во однос на Европејците“. 

Навистина, во Русија жена во чизми на високи потпетици, најлонски чорапи и куса бунда на минус триесет степени е нормална појава. А, што да се прави? Зимата трае половина година, а не може цело време да се оди со бунда до земја и со високи чевли! Секој сака да изгледа убаво!


Извор: Reuters

Русинките не штедат на убавина
Во изминативе две децении во светот на високата мода цврсто се етаблираше словенскиот тип. Креаторите на висока мода многупати се свртувале кон темата на традиционалната руска облека, а на улиците на светските престолнини во големи количества се појавија Русинки – убави, но чудни. Тие се многу упадливо нашминкани, тие, според мислењето на странците, понекогаш носат премногу сексапилна облека. Причините за таквото сфаќање за убавината е пред сè во менталитетот и во историските реалии.

Згора на тоа, во Русија не е вообичаено да се менува функцијата на работите: спортската облека прилега само за во спортска сала, женските сандали се само за на плажа и за прошетка, но никако не се за на работа. Речиси не може да се сретне жена во спортска облека и без шминка. Дури ни на детско игралиште. Во Русија вака се шегуваат: „Дури и кога го исфрла ѓубрето, Русинката нема да излезе од дома без шминка. А, што ако зад аголот ја чека некој принц?“. 

Странците високо ја оценуваат оваа особина на Русинките. Лара, да кажеме, се изјасни вака: И јас повеќе носам штикли тука, одошто би носела во САД. Повеќе обрнувам внимание на она што го носат останатите жени на улица и тоа влијае на мојот избор кога купувам. Да кажеме, пред неколку години забележав дека Русинките носат кожни паричници, па и јас си купив. Исто така видов дека годинава во Москва се носат длабоки кожни чизми со рамен ѓон, па би сакала и јас да си купам еден таков пар“. 

Треба да се земе предвид и климатската разновидност во која живеат Русите. Потребно е многу облека во гардеробата. Во Русија нема многу сончеви денови, а душата со нетрпение ги очекува празниците. Тоа се надополнува со прекумерно дотерување. 

Затоа денес во големите руски градови концентрацијата на жени со стил може да се спореди со онаа во Њујорк и во Лондон. Русите се обидуваат да создадат промислен, целосен изглед, избираат чанти и модни додатоци во согласност со обувките, комбинираат бои и текстури.


Извор: Getty Images / Fotobank

„Мислам дека Американските би требало повеќе да се грижат за тоа како изгледаат во јавност. Секако не треба да се оценува според облеката, но мислам дека добро согласената боја и облека ја изразуваат твојата состојба на духот, покажуваат дека се почитуваш себеси“, вели мојата американска пријателка која работи во Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња