Зошто Русинките носат високи штикли

Не, не се во потрага по маж!

Кога италијанскиот дизајнер Салваторе Фергамо дизајнираше чевли на високи потпетици за Мерилин Монро за филмот „Некои тоа го сакаат жешко“, веројатно не можел да претпостави дека неговата креација ќе стане толку популарна. 

Сите знаат дека Русинките се прекрасни и дека модата ја сфаќаат мошне сериозно. Не е невообичаено да ги видите облечени како да одат на гала-вечера во Кремљ, а всушност шетале по продавници. Високите штикли се цврст фаворит, а често може да се види како Русинките ги носат, пркосејќи им на замрзнатите плочници. Но, зошто го прават тоа? Се чини дека Западот е уверен оти така сакаат да ги привлечат мажите. Зошто Русинките сакаат високи потпетици?

Чевлите на високи потпетици го подобруваат држењето

Алексеј Куденко

„Не носам штикли секој ден, но дефинитивно ги носам неколку пати неделно, освен додека има сериозни зимски мразови“, вели за Russia Beyond Марија Кожевникова, пи-ар менаџер од Москва. „Ја сакам таквата облека зашто го подобрува држењето, ставот, па дури и чекорот. Доколку нема мраз, навистина не чувствувам никаква разлика во носењето такви чевли во затворен простор или на отворено“.

Секако, жената треба да научи како грациозно да носи високи потпетици, исто како кој било друг моден додаток, вели маркетинг-менаџерката од Санкт Петербург Валентина Пахомова. „Понекогаш гледам девојки на многу високи штикли кои изгледаат како скакулци. Тие страдаат и во тоа нема никаква убавина“.

Прашањето за удобноста повеќе зависи од перничињата во чевлите, одошто од висината на потпетицата, додава Марија. „Но, носењето високи штикли во текот на целиот ден е погрешно од физиолошка гледна точка. Мене дома ме чекаат моите омилени удобни домашни папучи“.

Високите штикли даваат самодоверба

„Носам штикли за да изгледам поелегантно“, вели Елена Гузева, шеф на сметководство од Москва. „По многу години веќе се навикнав на нив и во целост ми е удобно да одам во нив цел ден, па дури и да возам“.

Елена исто така смета дека високите потпетици се едноставно попривлечни.

„Порано носев високи штикли цело време – дури и кога имаше мраз“, вели Валентина. „Како прво, тоа е зашто бев малку полничка, па ми се чинеше дека ќе изгледам повита со долги нозе. Потоа се преселив во Санкт Петербург кој ме забави – сакав повеќе да шетам, па морав да ја намалам висината на потпетиците. Потоа нашата канцеларија се пресели во индустриска населба, па штиклите морав да ги носам само на работа. Ако претходно се чувствував неудобно без високи штикли, сега тоа повеќе не ми е важно. Исто така и ослабев, па повеќе не ми се потребни за да се подлажувам самата себеси. Пред извесно време го повредив коленото и сега на штикли можам да минам само неколку часа. Тоа исто така ме натера да ја изберам удобноста“. 

Дали жените во високи штикли се попривлечни? 

Различни студии тврдат дека жените на високи потпетици имаат „посексапилен од“ и дека се попривлечни. Мнозинството руски мажи ја поддржуваат својата подобра половина да ги носи, но само доколку во нив се чувствуваат згодно. 

„Без сомнение, жена во високи штикли е попривлечна доколку нејзините чевли не се масивни“, признава московскиот инженер Дмитриј Волков. „Секако, неудобноста поради носење штикли може да го расипе расположението на девојката и нејзиното страдање да се огледа на нејзиното лице. Тоа го неутрализира позитивниот впечаток на нејзините потпетици. Сметам дека високите потпетици се женски трик за привлекување на машките погледи“. 

Жената може да биде атрактивна и без високи потпетици, смета Валентина. „Мислам дека тоа е едноставно смешно и дека е еден вид сексизам. Често слушаме дека жената би требала да носи високи потпетици, тоа е 'женствено'. Но, каде е напишано тоа? Вашата женственост нема никаква врска со вашите чевли“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња