Русинката што ја диктира македонската мода

Извор: Ani & Dimi Photography.

Извор: Ani & Dimi Photography.

Света Богова-Јовановска е жената што во последниве четири години го организира најголемиот моден настан во земјава – Модниот викенд во Скопје. Таа по доаѓањето во Македонија своето искуство од работата во списание за жени го пренесува на еден ваков важен настан, кој привлекува огромно внимание во нашата земја. По завршувањето на пролетното издание, госпоѓа Богова-Јовановска ни раскажува за модата тука и во Русија, за почетоците на нејзината кариера во земјава, како и за нејзините идни планови.

Веќе четврта година по ред во Скопје го организирате FWSK. Според Вас, колку Вие и Вашиот тим созреавте за ова време? 

На почетокот немав доволно информации за модниот бизнис во Македонија, немав никакви извори. Беше потребно да го сфатам менталитетот и историјата на модниот пазар. Во таа ситуација ми помагаа самите дизајнери на кои им се обраќав за совет. Средбите и дискусиите со дизајнерите за тоа што недостасува за развој на модната индустрија во Македонија ми помогнаа да ја организирам првата сезона на Модниот викенд во Скопје. Светот не стои - не стоиме и ние! 

Во вашиот тим работат и Руси! Дали е тоа само случајност?

За таа случајност беа потребни неколку години, со цел да се формира тимот, чиј резултат го гледате во последниве три сезони. Руски корења во FWSK имаат пи-ар менаџерот Маша Смирнова, менаџерот на проектот Наталија Терзијоска, кастинг-директорот и кореограф Ирина Илиевска. Македонскиот дел од тимот, во состав: арт-менаџерот Горан Сиџимовски, дизајнерот Анита Гај, асистентот на кастинг-директорот Виктор Цветановски, пи-ар асистентот Лира Ѓоковиќ, фотографите Ани и Дими и одговорните за видео – Благоја Ангеловски и Марина Трајановска, веќе почнаа да учат руски. 

Тешко ли е да се организира моден настан во Македонија? 

Тешкотиите се огледаат пред сè во местото на одржување – воопшто нема локации што се нови, модерни, авангардни, просторни, локации со сите неопходни комуникации. Секоја сезона започнува со прашањето: „Каде?“. Но, ние секогаш наоѓаме место, иако тоа го правиме со големи напори.

Втората тешкотија е тоа што, од една страна, странските баери и новинари секогаш трагаат по нови дизајнери и ние би сакале на едно место да покажеме дека имаме многу млади, талентирани дечки, а, од друга страна, треба да се донесат тука тие баери, влијателни луѓе од модната индустрија, новинари. За нив македонскиот моден пазар е многу мал. 

Каков е ставот на македонските медиуми кон модата во споредба со Русија? Вие сте работеле во женско списание во вашата татковина. Колкаво внимание на модата и на модните настани обрнуваат македонските, а колку руските медиуми? 

На FWSK му беше потребно време за да им го привлече вниманието на македонските медиуми. Со нивна помош ние веќе четири години раскажуваме за новите и за веќе познатите имиња од македонската мода. Оваа година ставивме акцент на блогерите, како на странските така и на домашните. Интернетот е потребен, зашто низ целиот свет секои три дена има по некоја модна недела. Треба да се бориме за внимание.

Воопшто не сакам да правам споредба меѓу македонските и руските медиуми, зашто во Македонија не постојат Vogue, Elle, Harper’s bazaar, L'officiel итн., без кои е тешко професионално да се пропагираат модата и стилот. 

Што мислите за развојот на модната индустрија во Македонија? 

Во денешно време еден од актуелните проблеми е тоа што во Македонија културата сè уште се смета за социјална категорија. Во светот, пак, на неа одамна се гледа како на сериозен економски ресурс. Како пример ќе го наведам случајот кога, откако во еден британски весник се појави материјал за тоа колку пари трошат Британците на облека, премиерот почна да ја посетува модната недела. Тој сфатил дека економијата се засновува на купувањето. 

Како ги оценувате колекциите на македонските дизајнери? 

Тие треба да се стремат во колекциите да има доволно национална идентификација, а притоа да биде присутен и елементот на интернационалност. Дизајнерите почнаа да сфаќаат дека ако си започнал со работа, тогаш секоја сезона треба да правиш колекција. 

Верувате ли дека македонската модна недела може да ги рашири своите граници и да исплива на ново, регионално, па дури и на европско ниво? 

Да! Потребно е да се добие поддршка од професионалци. Важно е да се сфати дека модната недела не е забава, туку дека е тоа важен дел од индустријата, тоа е мошне добар начин да се развие економијата, живиот организам, тоа е дијалог меѓу креаторите и потрошувачите. Нашата цел во овој момент е да ги презентираме македонските дизајнери на други модни недели. Во списокот земји што се отворени за соработка се наоѓаат Украина, Хрватска и Србија. 

Можно ли е во иднина да видиме и некој руски моден креатор? 

Многу би сакале да организираме „Вечер на руската мода“, да поканиме млади и талентирани дизајнери во Македонија, но за тоа ни е потребна поддршка од амбасадата и од руското МНР. Професионалците сè уште се сеќаваат на посетата на Слава Зајцев, кој направи прекрасно шоу во Скопје пред 25 години! За тоа се зборува! 

Колку се разликува стилот во Македонија од оној во Русија?

За новото поколение би кажала дека стилот е заменет со стајлинг. Тоа нам ни го велат блогерите. И не е важно од која земја сте. Стајлингот е излезот кога немате доволно пари, а сакате секогаш да бидете модерни. Тогаш правите микс на дизајнерски, брендирани мас-маркет парчиња и добивате прекрасен изглед.

За другите поколенија стилот е под влијание на многу фактори, каков што е, на пример, климата. За руските жени бундата не е раскош, туку е нешто што мора да се има! Ние сакаме да бидеме привлечни и на -20 степени. Од историска и од демографска гледна точка, стилот на руската жена е исто така поврзан и со недостигот на машко население, па затоа сите жени од мали нозе се учат дека секогаш треба да бидат во форма и да изгледаат добро. 

Што не Ви се допаѓа или, можеби, Ви е чудно и необично во македонската секојдневна облека? 

Јас би сакала да видам повеќе добро и со вкус облечени деца и тинејџери, зашто на стил може и треба да се научат.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња