Која е тајната на руската каша?

Legion Media
Кашата е традиционално руско јадење кое е достапно за секого. Покрај тоа, различните техники на подготовка и комбинации со солени или слатки состојки ви овозможуваат да креирате голем број разновидни рецепти и да консумирате каша во секое време од денот.

Кашата уште од дамнина се смета за основно јадење на руската кујна. За ова зборуваат и познатите руски поговорки: „Шчи и каша се храната наша“, „Кашата е мајка наша“, „Хељдина каша – мајчичка наша, а лебот 'ржан – татко наш роден“.

Во најстариот руски летопис од XII век, „Повест за минатите лета“, авторот пишува како големите руски кнезови склучиле мир со Половците (Куманите) и го прославувале јадејќи заедно каша. Кашата била свечено, обредно јадење, кое се подготвувало за свадби, крштевки, Божик и за други празници и прослави.

На пример, за раздавање се подготвува коливо, т.е. каша ориз или цели зрна пченица засладена со суво грозје и мед. Житото во кашата е симбол на вечниот живот и Воскресението, а медот и сувото грозје се симбол на радосниот живот на праведниците на небото. Побогато коливо била кашата со повеќе различни состојки. Се готви со млеко или слатка павлака и со путер, а се приготвувала за свадби и празници.

Во руската кујна, по својата густина традиционално се разликуваат три вида каша: „кашица“ (ретка каша), „размазња“ (леплива, растеглива каша) и цврста (растресита каша). Тие се разликуваат по количината на вода, млеко или булјонот во кој се варат.

Најпознатите руски каши

Во најпопуларните руски каши спаѓаат кашата од хељда, од ориз, од просо, од овес и кашата од гриз.

Според една верзија, хељдата ја донеле пред илјада години великите кнезови од нивниот поход на Византија. Кон крајот на XVI век, кашата од хељда станала национално руско јадење. И ден-денес е една од најпопуларните каши.

Денес се смета дека кашата од просо е најевтина варијанта на гарнир, а порано служела како празнично јадење. „Пшоник“ (каша од просо запечена во рерна) го приготвувале монасите од Соловецкиот манастир за велигденскиот празничен ручек. А за време на Втората светска војна главно јадење на воената кујна беше „кулеш“ (каша од просо со месна сланина и компири).

Некогаш популарните каши од спелта (полудива пченица), амарант и јачмен се потиснати од секојдневната исхрана или се префрлени на менито на поддржувачите на здравата исхрана. Старомодната каша од гершла, која се подготвува од излупени и полирани зрна јачмен, некогаш била омилена каша на императорот Петар I, а денес може да се најде само во „расољник“ (чорба од изнутрици и кисели краставички).

Некои видови „каша од брашно“ може да се вкусат само во ресторани за традиционална руска кујна или во одредени региони на Русија. Тука спаѓаат „катанка“ (просото се валапрво во јајце и млеко, а потоа во брашно), „саламата“ (каша од пропржено брашно со павлака, млеко или кефир) и „кулага“ (каша од 'ржано брашно и слад).

Во зависност од саканата текстура на јадењето и видот на бунгурот што се користи, кашата се вари со различна количина течност. На пример, оризот и јачменот се готват во многу солена зовриена вода, а потоа се цеди вишокот вода и се додава млекото додека кашата целосно не се свари. За каша од хељда прво се мери двојно повеќе вода отколку хељдата во зрно и се вари без мешање додека водата не испари. За овесната каша, односот на овесниот бунгур и водата е 2:3, т.е. 2 чаши овесен бунгур и 3 чаши вода. Се вари, повремено се промешува, па се прелива со млеко и се доварува.

Што ја прави руската каша различна од другите?

Од дамнина кашата во Русија се јадела и во текот на денот, не само за појадок. Во старо време таа била обредно и празнично јадење. Се подготвувала во печка, а ако се додаде млеко, станувака хранливо и вкусно јадење. Во царско време рецептите за подготовка на каша станале нешто покомплицирани бидејќи во нив се додавале разни солени и слатки состојки како зеленчук и печурки, месо и риба, или јаткасти плодови и слатко. На пример, кашата „Драгомиров“ се подготвувала со печурки и имала форма на тркалезна пита со фил. Се варела и каша со тиква и зеленчук, како и Гурјевска каша која се сервирала како десерт. Во советската ера кашата стана здрав и евтин прилог на главното јадење.

Денес кашата сè уште зазема важно место во руската исхрана, како за појадок, така и како прилог за ручек или вечера.

Квалитетот на производите што се користат за подготовка на каша најчесто се разликува во Русија и во другите земји, што влијаело на третманот на ова јадење кај народот. На пример, хељдата, која се продава во многу европски земји, се готви побрзо од онаа што се произведува во Русија, а нејзиното зрно се распаѓа, поради што готовата каша од хељда таму има поинаков вкус од руската.

Што додаваат Русите во кашата?

Вкусот на кашата во голема мера зависи од тоа со што се зачинува и што ѝ се додава. Една популарна поговорка вели: „Не може да се расипе каша со маснотии“. Навистина, најчестиот додаток било маслото или некоја друга маст. Во кашата, покрај путер или пречистен путер, се додава растително сончогледово или ленено масло.

Вкусот на кашата се подобрува и со додавање млечни производи: млеко, простокваша, слатка и кисела павлака, блага урда или сирење (во Осетија, на пример, кашата „ѕика“ се подготвува со сирење, брашно и кисела павлака.

Во кашата често се додава и суво овошје - суво грозје, сливи и кајсии, а одозгора се посипува со борови ореви или обични ореви. И, се разбира, нема да ја расипете ако ѝ додадете мед и бобинки.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња