Кулеш: Позната руска каша или обилна супа (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
„Кулеш“ е познат по своето изобилство и заситливост, што го правеше популарно јадење меѓу војниците и патниците.

Кулеш е традиционално руско јадење кое обично се поврзува со воените кампањи од минатото. Тоа е течна супа направена од просо, иситнето говедско месо и други состојки како маст, пржен кромид, сол и бибер.

Потеклото на кулешот може да се проследи уште од XVII  век, за време на владеењето на царот Алексеј Михајлович. Бил популарно јадење меѓу Козаците кои живееле на југот на земјата и биле познати по нивните воени кампањи и долги патувања по непрегледните руски пространства. Јадењето било лесно да се подготви.

Кулешот често им се служеше на советските војници за време на Втората светска војна како јадење кое им ги креваше моралот и издржливоста. Се верувало дека има и лековити својства и се користел како лек за разни болести.

Кулешот има многу варијации и може да се направи со користење на широк спектар на состојки. Додека вообичаено се користат гриз од просо и свинска маст, може да се користат и други житарки како бисерен јачмен и ориз. Покрај тоа, кулешот може да се направи со месо, риба, па дури и со печурки, во зависност од достапноста на состојките.

За готвење на кулеш, избраната житарка се вари во густ булјон направен од маст или месо. Потоа во смесата се додава пржениот кромид, заедно со сол и бибер зо вкус. Во смесата се додава и свинска маст или чадено месо, што на супата ѝ дава карактеристичен вкус и текстура.

Во некои региони на Русија кулешот се служи како густа каша, додека во други по конзистентноста е повеќе налик на супа. Некои рецепти бараат додавање на павлака или други млечни производи, додека други се целосно без млеко.

Иако јадењето првично било поврзувано со воени кампањи и долги патувања, со текот на времето станало пријатна храна што сè уште се готви во модерна Русија.

Состојки за 6 порции:

  • Чадена сланина (или маст) - 250 г
  • Гриз од просо - 180 г (1 шолја)
  • Компир - 450 г (4-5 пар.)
  • Кромид - 350 г (3 пар.)
  • Морков - 80 г (1 пар.)
  • Јајца - 4 пар.
  • Лук - 15 г (4-5 чешниња)
  • Свеж магдонос - 10 г
  • Ловоров лист - 4 пар.
  • Растително масло - 45 мл (3 лажици)
  • Сол по вкус
  • Мелен црн бибер - по вкус
  • Вода или месна чорба - 2 литри

Подготовка:

Сланината најпрвин се сече на коцкички со големина од околу 1,5х1,5 cm.

Во лонец или котле со дебели ѕидови загрејте растително масло или маст, доколку ја користите. Ставете ја сланината во садот со загреаната маснотија и пржете, мешајќи, 5 минути, додека не се зарумени.

Исчистете и ситно исечкајте го кромидот.

Додајте го кромидот на пржената сланина, промешајте.

Излупете го морковот и изрендајте го на крупно ренде. Потоа додајте го морковот на кромидот и сланината. Пржете 5 минути, мешајќи.

Наполнете тенџере со 2 литри вода или булјон и оставете да зоврие. Додека водата врие, добро измијте го просото и истурете го во друг сад со зовриена вода. По 2-3 минути процедете го.

Ставете го просото во зовриената вода, мешајте. Повторно оставете го да зоврие.

Излупете го компирот и исечкајте го на мали коцки.

Ставете го компирот во зовриената супа.

Додајте ловоров лист, сол и мелен црн бибер. Варете на умерен оган околу 10-15 минути.

Исчистете го лукот и ситно исечкајте ги магдоносот и лукот.

Јајцата изматете ги полека со рачна маталка во чинија. Додајте ги магдоносот и лукот и промешајте.

Штом бидат готови компирот и просото, извадете го ловоровиот лист од садот. Непрестајно мешајќи ја супата, во тенок млаз сипете ги јајцата со магдоносот и лукот. Варете уште околу 1 минута.

Кулешот е готов, тргнете го садот од шпоретот. Кулешот би требало да стане многу густа супа.

Сипете го кулешот во чинии за сервирање и украсете со свежи зачински билки!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња