Каша Драгомиров: Подготовка на омилениот рецепт на Николај II

Викторија Дриј
Според народната легенда, последниот руски цар не пропуштал ниту еден ден без оваа солена каша од печурки и хелда. Ако сакате да ја пробате најтрадиционалната руска комбинација на вкусови, пробајте го овој рецепт.

Кашата, се разбира, отсекогаш била едно од најистакнатите јадења во руската кулинарска култура. Долго време се служела на трпезите на богатите и на сиромашните – со тоа што состојките и зачините биле различни, во зависност од буџетот. Денес, за жал, многу вкусни слатки и солени каши повеќе не се толку популарни - како што е Гурјевската каша или Кашата од дива пченица со тиква. Една претпоставка е дека тоа се случило едноставно затоа што за нивна подготовка е потребно многу време и готвачки вештини.

Кашата Драгомиров сепак е многу полесна за подготовка отколку што изгледа на прв поглед. Нејзината историја оди длабоко во XIX век: постои легенда дека тоа била омилената солена каша на царот Николај II, која тој барал да му се сервира речиси секој ден.

Никој со сигурност не знае зошто, но јадењето го добило името по познатиот руски генерал и воен писател Михаил Драгомиров (1830-1905). Тој предавал историја и му давал воени лекции на младиот Николај II додека бил престолонаследник. Интересно е што Софија, сопругата на генералот, сакала да готви, па дури напишала и готвач со повеќе од 700 рецепти и препораки за кујната, која потоа станала исклучително популарна. Една од теориите гласи дека книгата содржела рецепт за истата каша од хелда со вргањи, која подоцна станала омилена на царот и била именувана по угледниот сопруг на Софија. Или, кој знае, можеби таа всушност била именувана по неа?

Кашата Драгомиров одлично оди со речиси секое главно јадење од месо, но одлично оди и како посебно јадење. Состојките се наједноставни колку што може да бидат, а комбинацијата од хелда и печурки е вистинска класика по прашањето на вкусот. Она што ја прави оваа каша уникатна е нејзината необична хемисферична форма. Што се однесува до печурките, според оригиналниот рецепт тоа треба да бидат вргањи, но читателот може слободно да користи кој било вид или оној што моментално го има дома. Истото важи и за основата на сосот од печурки: за покремест вкус користете помасна павлака. Но, обидете се и со обична кисела павлака: таа го збогатува вкусот на сосот додавајќи му блага киселкасто-креместа нота.

Состојки за 4 порции:

  • - Хелда – 150 г / 1 чаша
  • - Печурки – 500 г
  • - Морков (мал) – 1 пар.
  • - Магдонос – 50 г
  • - Павлака/дебела павлака (најмалку 25% маст) – 160 мл
  • - Путер – 3 лажици
  • - Брашно – 1 лажичка
  • - Сол – прстофат
  • - бибер – прстофат 

 Подготовка:

1. Хелдата се мие под млаз вода, се става во тенџере и ѝ се додаваат малку помалку од 2 чаши вода.

2. Се посолува, се остава да проврие, се поклопува и динста на тивок оган - за тоа обично е потребно околу 15 минути.

3. Во меѓувреме се подготвува сосот од печурки: прво се сечка морковот и се пржи на средна температура со голема количина путер, непрестајно мешајќи, 5-7 минути.

4. Потоа фино, ситно се сечкаат печурките на што е можно потенки ливчиња.

5. Се додаваат на морковот и сето тоа се вари додека смесата на омекне и не добие блага златно-кафена боја.

6. Се додаваат брашното, павлаката, солта, свежо мелениот бибер и сето тоа се загрева на среден оган две-три минути.

7. Се трга од огнот, па се додава сечканиот магдонос и се меша. Најтешкиот дел е да не го пробате сосот во овој момент – навистина е вкусен. 

8. Сега е време да се состави кашата: тркалезна чинија со средна големина се премачкува со мекиот путер, па со лажица на дното се сипува 1/3 од масата на топлата хелда.

9. Потоа се нанесува слој од половина од подготвениот сос од печурки.

10. Се повторува нанесувањето слоеви: хелда, сос и повторно хелда.

11. Чинијата се покрива со голема чинија и нежно, но цврсто се превртува. Кашата би требало да излезе мошне лесно. Доколку не излезе – нежно помогнете си со тенок нож.

12. Кашата Драгомиров се украсува со сечкан свеж магдонос и се сервира веднаш додека е топла. Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња