- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Козаците се прославија во историјата на Русија не само како заштитници на државните граници, храбри борци и истражувачи на нови територии, туку и како страсни бунтовници.
Меѓутоа, војувањето не беше за сите претставници на козаштвото главната работа во животот. Некои од нив оставија значаен белег во руската култура.
1. Ермак
„Беше со благороден изглед, достоинствен, со средна висина, со силни мускули, со широки рамена; лицето му беше сплескано, но пријатно, брадата црна, косата темна и виткана, очите светли и бистри, а во нив се отсликуваа огнена силна душа и прониклив ум“, вака рускиот историчар Николај Карамзин го опишува козачкиот атаман Ермак Тимофеевич.
Во 1581 година Јермак на чело на големата козачка војска се упатил во поход против Сибирскиот канат - еден од остатоците на некогашната огромна монголска држава. Воената кампања била финансирана од богатите трговци Строганови, чии територии на Урал биле редовно изложени на напади од Татарите.
Во ноември 1582 година Козаците ја освоиле престолнината на канатот Кашлик (недалеку од денешен Тоболск), принудувајќи го канот Кучум да го напушти градот. Остјацките, вогулските и другите кнезови веднаш се обратиле до Ермак со барање да станат поданици на рускиот цар.
Сепак, Ермак не успеал целосно да го скрши Кучум и во 1585 година загинал во заседа организирана од канот. Меѓутоа, патот кон Сибир бил отворен за руската држава. По козаците, таму се упатиле бројни воени контингенти предводени од царските војводи.
2. Степан Разин
Донскиот козак Степан (Стењка) Разин во 1667 година собрал љубители на брза пара и се упатил кон Волга да ограбува трговци. Потоа со триесет бродови излегол во Каспиското море и го опустошил персискиот брег, патем поразувајќи ја флотата на персискиот шах.
Атаманот, кој стекнал голема популарност меѓу народот, во 1670 година започнал вистинска војна против царската власт. На Разим му се приклучиле не само козаците, туку и селаните кои побегнале на Дон поради спахиското самоволие, па дури и војниците на елитните единици кои дезертирале. Неговата војска достигнала бројка од неколку десетици илјади луѓе.
Бунтовниците освојувале, палеле и уништувале градови, масовно убивале болјари, царски службеници и офицери. На оние кои му се придружиле, атаманот им велел: „Сега одмаздете им се на тираните кои до денес ве држеа во подаништво полошо од Турците или од незнабошците. Дојдов да ви дадам на сите слобода и спасение, ќе бидете мои браќа и деца“.
Разин успеал да ги заземе Астрахан, Царицин, Самара и Саратов, но на крајот бил поразен и заробен. На 16 јуни 1671 година бил јавно расчеречен, неговата утроба фрлена на кучињата, а делови од неговото тело набиени на колци и изложени за сите да ги видат. За никој повеќе да не се осмели да тргне по неговите стапки.
3. Емелјан Пугачов
Многу повеќе луѓе го започнале востанието во 1773 -1775 година под водство на друг донски козак - Емелјан Пугачов. Роден е во козачката населба Зимовејска (денес Пугачовска), од која, се претпоставува, потекнува и Разин.
Пугачов тврдел дека тој е „за чудо спасениот“ цар Петар III. Имено, во јули 1762 година монархот бил соборен од власт од неговата сопруга - идната царица Екатерина II. Набргу по овие настани, царот починал под неразјаснети околности.
Самозванецот го поддржале јаицките (уралските) козаци, на кои им се придружиле незадоволни селани, работници од уралските фабрики, како и Калмици, Татари, Башкирци, Чуваши и други. Вкупниот број на луѓе кои учествувале во востанието достигнал сто илјади луѓе, иако во главната војска на Пугачов немало повеќе од четириесет илјади воини.
Востаниците сакале „да ги погубат оние што ја уништуваат империјата и селаните“ и на престолот да донесат „добар цар“. Освоиле голем број утврдувања и мали градови, каде сурово се пресметувале со офицерите и државните чиновници. Во еден момент, Пугачов успеал дури и да освои голем град како Казан (освен Казанската тврдина).
Во септември 1774 година војската на бунтовниците била поразена во битката кај Чорни Јар. „Селанскиот цар“ избегал, но неговите приврзаници подоцна го предале на царската војска. На 21 јануари 1775 година Емелјан Пугачов бил погубен на Болотниот плоштад во Москва.
4. Матвеј Платов
Син на козачки полковник, Матвеј Платов застанал на чело на полк веќе на осумнаесетгодишна возраст. Не наполнил ни педесет години кога станал атаман на целата Донска козачка војска.
За време на Татковинската војна 1812 година против Наполеон, Платов, на чело на козаците, го покривал повлекувањето на руската армија, напаѓајќи ги Французите и нанесувајќи им значителни загуби. За време на Бородинската битка неговиот корпус извел јуриш во тилот на непријателот, предизвикувајќи конфузија во неговиот табор.
Козаците на Платов неуморно ги прогонувале остатоците од Великата армија на Наполеон за време на нејзиното бегство од Русија и се истакнале во воената кампања во Европа 1813-1814 година. „Услугите што ѝ ги дадовте на татковината се неспоредливи, ѝ ја докажавте на цела Европа моќта и силата на жителите на благословениот Дон...“ – пишува во писмото до атаманот командантот на руската армија Михаил Кутузов.
Во Руската империја, Велика Британија, СССР и денешна Русија, името на познатиот воен лидер го носеле седумнаесет бродови. Покрај тоа, еден англискиот едреник го добил името по ќерката на атаманот Марија.
5. Василиј Суриков
Меѓутоа, не сите козаци ја покажале својата вредност на воено поле. Еден од оние кои дале голем придонес во руската култура е сликарот Василиј Суриков.
Суриков е роден во Краснојарск, Сибир, но по потекло бил донски козак. „Сите во нашето семејство се козаци. До 1825 година беа обични козаци, а потоа станаа офицери... А дедо ми Александар Степанович беше атаман на полк“, напишал тој.
Суриков станал познат по неговите историски платна со големи димензии: „Утрото пред погубувањето на стрелците за време на Петар Велики“, „Болјарката Морозова“, „Преминот на Суворов преку Алпите“ и други.
Во творештвото на овој уметник неизбежно е присутна и темата на козаштвото. За време на неговото патување на Дон, тој ги цртал ликовите на локалните козаци, а едни од најпознатите слики беа „Освојувањето на Сибир од Ермак“ и „Степан Разин“.