10 најважни слики на рускиот мајстор Василиј Суриков

Василиј Суриков / Третјаковска галерија
Авторот на „Болјарката Морозова“ и на други колосални историски слики е еден од најинтересните и најавтентични руски сликари на 19 и почетокот на 20 век.

„Поглед на споменикот на Петар I на Сенатскиот плоштад во Санкт Петербург“ (1870)

Суриков е роден во Краснојарск и од раното детство покажувал талент за цртање. Семејството немало пари за да го школува во главната сликарска школа во земјата – Санктпетербуршката академија за уметности. Затоа момчето завршило локално училиште и се вработило како писар во управата на губернијата. По игра на случајност неговите цртежи ги видел краснојарскиот мецена и производител на злато Пјотр Кузнецов. Тој на Суриков му го платил школувањето на Академијата. Кузнецот ја откупил и првата сериозна слика на уметникот „Поглед на споменикот на Петар I на Сенатскиот плоштад во Санкт Петербург“.

„Добриот Самарјанин“ (1874)

Како што и му прилега на студент на Академија, Суриков раката ја тренирал на библиски сижеи. На сликата „Добриот Самарјанин“ прикажан е моментот во приказната кога милостивиот Самарјанин се надвива над човек кого го снашла неволја за да му помогне. Суриков го насликал пустинскиот пејзаж врз основа на своите етиди направени налето во врелите степи на јужен Сибир.

За сликата уметникот добил мал златен медал на Академијата на уметностите и во знак на благодарност му ја подарил на својот мецена Кузнецов.

„Утрото пред погубувањето на стрелците“ (1881)

Ова огромно платно (2,1 x 3,7 метри) е прво дело на Василиј Суриков на тема од руската историја. Со оваа слика за првпат учествувал на изложба на передвижниците, каде веднаш ја откупил колекционерот Павел Третјаков.

Суриков прикажал еден од преломните моменти во историјата. Есента 1698 година по наредба на Петар Први погубени се стрелците кои кренале буна. Погубувањето не е уште почнато, но бесилките се веќе поставени на Црвениот плоштад во Москва, а стрелците, нивните сопруги и децата се столчени од тага. Стара Русија на оваа слика е спротивставена на нова Русија од европски тип што ја донел Петар Први.

Идејата за оваа слика настанала по првата посета на Црвениот плоштад. Уметникот интензивно го доживеал тој момент во историјата. Сликата е преполна со историски детали во одорите и во објектите околу прикажаните ликови.

Подетална анализа прочитајте тука.

„Меншиков во Берјозово“ (1883)

И оваа слика со воодушевување е дочекана на изложба на передвижниците. Повторно ја откупил Третјаков. Суриков насликал уште еден важен момент од руската историја. Некогашниот влијателен соработник на Петар Први Александар Меншиков по смртта на својот заштитник мошне брзо завршил во прогонство во сибирската забит.

Родум од Сибир, Суриков се заинтересирал за приказната за неговиот пад и за карактерот на Меншиков кого таквото понижување го скршило. На платното тој изгледа моќно дури и додека седи во мала колиба во Сибир, кога поради снегот и бурата не може да се излезе надвор. Сликарот дошол до идеја за оваа слика сосема случајно. Во една пригода седел со семејството на маса по бура, чекајќи дождот да престане и одеднаш пред себе го видел Меншиков како жив со сите детали.

Сопругата на Суриков Елизавета послужила како модел на ќерката на Меншиков која му седи покрај нозете.

„Болјарката Морозова“ (1887)

Уште една историска епизода послужила како основа за денес веројатно најпознатото дело на Суриков. Од детството во Краснојарск тој го следел животот на староверците и бил импресиониран со тоа како потомците на верниците некогаш протерани во Сибир продолжуваат да живеат, чувајќи ги своите обичаи и како е непоколеблива нивната вера.

Болјарката Морозова била една од нив. Суриков поради херојскиот приказ на нејзиниот лик бил обвинет дека го пропагира црковниот раскол, зашто дури и во окови таа на сликата ја крева раката со два прста, што бил знак на староверците, противници на црковните реформи од 17 век.

Моделите коишто му биле потребни на уметникот го нашол кај народот – во манастирите и на гробиштата долго правел етиди, обидувајќи се да постигне веродостојност. Тетката на Суриков послужила како прототип за ликот на Морозова.

Огромното платно со димензии 3 х 5,8 метри го откупил Павел Третјаков и до денес оваа слика и подготвителните етиди за неа заземаат посебно место во Третјаковска галерија.

Повеќе за оваа слика прочитајте тука.

„Заземање на снежното гратче“ (1891)

Триесетгодишниот Суриков во 1878 година се оженил со Елизавета Шара. Прекрасната благородничка била 10 години помлада од него и зборувала руски со незначителен француски акцент. Уметникот бил безумно вљубен во неа и за време на додворувањето бил збунет како дете. Меѓутоа, Елизавета, којашто на сликарот му подарила две ќерки, имала многу слабо здравје. Страдала од ревматизам и од срцева болест. По десет години брак починала, а Суриков паднал во очај. Според сеќавањата на неговите ќерки, постојано плачел, ја читал Библијата и често одел на гробишта.

„Заземањето на снежното гратче“ било првото платно што Суриков го насликал откако излегол од депресија. Разиграно, преполно со животна радост, тоа се издвојува од неговите мрачни историски слики. Обичајот „Заземање на снежното гратче“ Суриков го гледал секоја година во Сибир на празникот Масленица. Како модел за ликовите на сликата послужиле многумина негови роднини и познаници. За оваа слика Суриков добил бронзен медал на Меѓународната изложба во Париз во 1900 година.

„Ермак Тимофеевич го освојува Сибир“ (1895)

На најголемото платно на Суриков (1,85 х 5,99 метри) двата главни предмета на неговиот интерес се нашле заедно: козаците и Сибир. Уметникот мострите за ликовите на козаците ги нашол на Дон, во Хакасија сликал Татари, а на северот од Сибир пејзаж за сликата.

Платното е претставено на изложба на передвижниците, високо го оценил Иљја Репин, истакнувајќи го потресниот впечаток што сликата ја остава кај оној што ја гледа. Суриков веќе се договорил со Третјаков за продажба на ова дело, но Николај Втори сметал дека „оваа слика треба да биде национална и да се изложи во националниот музеј“, па ја откупил за рекордна сума кога станува збор за руското сликарство од 40 илјади рубли за Рускиот музеј во Петербург. Суриков на Третјаков му подарил помала копија.

„Преминот на Суворов преку Алпите“ (1899)

Платното е насликано по повод 100-годишнината од познатиот Поход на Суворов. Суриков го прикажал преминот преку врвот Паникс. 70-годишниот војсководец на бел коњ изгледа како вистински народен херој, а неговите војници-богатири разиграно се спуштаат низ стрмините на падината. Сликата која на олку привлечен начин го прикажува славното воено минато исто така ја откупил Николај Втори.

Суриков сериозно се подготвувал за изработката на оваа слика. Отпатувал во Швајцарија за да ги наслика етидите, ги проучувал воените униформи. Модел за ликот на Суворов нашол во козачки офицер во пензија од Краснојарск. Сепак, на сликата може да се воочат извесни отстапувања од реалноста. Меѓу другото, стручњакот за воени сцени Василиј Вершчагин обрнал внимание дека коњ во реалноста никогаш не би пришол толку близу до надолнината, а исто така и дека војниците за време на симнувањето низ планината би ги симнале бајонетите.

„Степан Разин“ (1906)

На една од последните и најколосални слики на Суриков е прикажан младиот козачки атаман Степан Разин како плови по Волга по успешниот поход. Додека неговите соборци се опиваат и се предаваат на веселба, тој седи сам, замислен и невесел, опкружен со опљачкано благо (како да размислува за тоа како да го ослободи рускиот народ).

Суриков и самиот потекнувал од козачко семејство, па за него оваа тема била особено важна. Се смета дури дека на лицето на Разин можат да се препознаат црти на самиот сликар. На првата скица Суриков прикажал и персиска кнегинка којашто Разин ја грабнал за време на походот. Според една верзија, во нејзиниот лик уметникот сакал да ја прикаже својата покојна сопруга. Меѓутоа, подоцна се откажал од приказот на кнегинката. А, доколку некој го запрашал каде е таа на сликата, одмавнувал со раката, покажувајќи кругови на вода и велејќи дека Разин веќе ја удавил.

„Посета на принцезата на женски манастир“ (1912)

Суриков го инспирирала книгата на Иван Забелин „Секојдневието на руските царици“ (1869). На сликарот особен впечаток оставило тоа што жените од царското семејство во Стара Русија биле вистински заложнички коишто целиот свој живот го минувале зад ѕидините на палатите. А, ако доколку за нив не се нашол достоен младоженец, ги чекал еден пат: во манастир. Руменото лице на принцезата, нејзините одори и кокошникот извезен со злато и украсен со скапоцени камења се издвојуваа, остро контрастирајќи се со монашките мантии.

За сликата позирала внуката на сликарот – Наталија Кончаловскаја (ќерката на сликарот Пјотр Кончаловски и мајка на режисерите Андреј Кончаловски и Никита Михалков).

Големата изложба на делата на Василиј Суриков по повод одбележувањето на 175 години од неговото раѓање се одржува во зградата „Бенуа“ на Рускиот музеј до 13 мај 2024 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња