Ермак – човекот што го освои Сибир

Козачкиот атаман Ермак на чело на својата војска.

Козачкиот атаман Ермак на чело на својата војска.

Ермак тргнал во Сибир по пари, а влезе во легендите! Дали тој навистина им заповедувал на „демоните“? Дали навистина подарокот на Иван Грозни го чинел живот?

Во далечната, предалечната галаксија хан Кучум веројатно би бил некој Дарт Сит. Безмилосен, лукав и недопирлив, овој човек никогаш не е победен во двобој, ниту заробен, иако во еден голем налет на руската војска го изгубил брата си, два сина и двајца внуци. Од една страна, не сакајќи предизвикал руска експанзија на Сибир, а од друга тој го убил Ермак, првиот освојувач на Сибир.

Човек без минато

Непознат сликар, портрет на Ермак, 18 век, масло на платно

А, каков бил Ермак, првиот освојувач на Сибир? „Мошне храбар, човечен, знаменит и полн со храброст, со малку сплескано лице со темна брада, среден раст, снажно граден, со широки рамена“, ова е единствениот зачуван опис на Ермак кој го има составено Семјон Ремезов (1642-1721) од Тобољск. Таткото на Семјон ги познавал соборците на Ермак кои со него го освојувале Сибир, и тие така го имаат опишано својот прочуен атаман. Но, тоа е отприлика сè што се знае за Ермак. Дури и неговото право име сè уште е под знак прашалник, а не се знае ниту точното место, ниту годината на неговото раѓање. Постои мислење дека е роден некаде околу 1532 година во Архангељската област.

ЛЕГЕНДА:

Старата уралска легенда гласи дека Ермак бил волшебник кој ги држел демоните како слуги: „Ги користел кога немал доволно луѓе“.

ВИСТИНА:

Руското предание на Ермак му има припишано натприродни способности, почитувајќи го поради неговите вештини и неговите соборци, како и поради фактот дека со само околу 500 луѓе го покорил Сибирскиот ханат.

Кога се вели дека Ермак бил козак, не се мисли на неговата националност или на местото на раѓање. Козаците во 17 век биле луѓе кои ја бранеле границата на Русија, а не биле благородници, ниту, пак, служеле во армија.

Ермак бил искусен водач на чета во Ливонската војна, во која предводел чета од стотина козаци. Тој во 1581-1582 го бранел Псков и учествувал во некои други битки, за во 1582 година да ја заврши службата во војската во Московското царство и да се упати на исток кон Урал. Зошто?

Преку Урал во Сибир

Ханот Кучум бега од Кашлик. Илустрација на Ремезовскиот летопис, крај на 17 век.

Ханот Кучум во 1563 година го убил сибирскиот хан Едигер и ја зазел неговата земја. Сибирските Татари го третирале Кучум како странски освојувач. Владеењето на Кучум било безмилосно и деспостско со многу погубувања и тешки даноци. За разлика од Едигер, Кучум одбил да му плаќа данок на Иван Грозни.

Војската на Кучум често ги вознемирувала трговците од семејството Строганов, кои се збогатиле на производство на сол. Поседувале неколку наоѓалишта на сол на Урал. Татарите на Кучум ги напаѓале и ги пљачкосувале селата на семејството Строганов и ги одведувале Русите во ропство. Тогаш Строганови го најмиле Ермак и неговата козачка дружина да им ја бранат територијата. Ермак дошол со 540 козаци и кон крајот на 1582 година тргнал на пат од градот Орел, кој бил седиште на семејството Строганов на Урал.

Одредите на Ермак пловеле на борбени чамци полни со муниција и провијант. Низ шумата се пробивале отворајќи пат со секири и носејќи ги чамците на рамена. Преку речните патишта брзо преминале на Урал и влегле на територијата на Сибирскиот ханат.

За сето време ги одбивале нападите на војската на Кучум на чело со Меметкул, кумчето на Кучум и главен војсководец. Дружината на Ермак била толку силна што лесно ги совладала лошо вооружените и бавни Татари. Во битката на Чувашевскиот ‘рт Татарите за првпат во животот виделе огнено оружје и брзо се разбегале од голем страв. Маметкул одвај се спасил, а Кучум морал да бега од Кашлик, својата престолнина.

Смртта на победникот

„Ермак го освојува Сибир“, Василиј Суриков (1895), масло на платно.

Често се истакнува дека Ива Грозни самиот го испратил Ермак да го освои ханатот. Но, кога дознал дека Ермак со своите одреди навистина го зазел Сибирскиот ханат, Иван Грозни го фатила паника. Ливонската војна сè уште траела и тоа не во полза на Москва, па евентуалната војна против Кучум која би можела да следува по потезите на Ермак, бил еден од најлошите можни настани во тој момент.

Царот Иван му напишал писмо на Строганов со барање да го испрати Ермак назад веднаш, но тогаш Ермак веќе го зазел Кашлик и му го испратил на Иван Грозни својот другар, атаманот Иван Колец, за да го извести за својот подвиг. Откако дознал дека го зазел Кашлик царот се израдувал на успехот на Ермак, му испратил награда и наредба без одлагање да се врати дома!

ЛЕГЕНДА:

Кога дознал дека Ермак го освоил Сибир, Иван Грозни се расположил и му испратил два скапоцени панцирни оклопи.

ВИСТИНА:

Царот Иван IV навистина го наградил Ермак, но му испратил пари и скапи „фустани“, а не панцирен оклоп.

Меѓутоа, Ермак не се вратил. По извесно време се намалил бројот на луѓе во неговата дружина. Неговите другари атамани биле убиени. Со одред од 50 војници Ермак на 6 август 1585 година тргнал во извидница. Татарите ги нападнале на спиење. Во тој напад Ермак бил убиен. Малобројните преживеани козаци се вратиле на руската територија.

Смртта на Ермак, 1584 година.

ЛЕГЕНДИ ЗА СМРТТА НА ЕРМАК:

1) Смртта на Ермак била предизвикана од панцирниот оклоп што му го испратил Иван Грозни. Во нападот на Татарите Ермак почнал да бега и се обидел да доплива до чамецот на своите соборци, но тешкиот панцир го одвлекол на дното.

2) Неколку дена подоцна еден татарски рибар го нашол телото на Ермак во вода. Сибирските Татари се собрале да го видат телото на безмилосниот атаман. Го изболе со копја, а од неговото тело течела крв како да е живо. Потоа телото на Ермак не се распаднало. Фасцинираните Татари му укажале чест на Ермак како да е од владетелски род и го погребале на свечен обред.

ВИСТИНА:

Не се познати околностите за смртта на Ермак. Не се знае каде се наоѓа неговиот гроб и дали воопшто постои.

Војската на ханот Кучум во 1598 година конечно била дотолчена од рускиот војсководец Андреј Воејков. Убиени се братот на Кучум, синовите и внуците, а Кучум успеал да избега во степата. Не е познато времето и местото на неговата смрт.

Прочитајте исто така: Освојувањето на Сибир: Дипломатија пред оружје

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња