Стењка Разин: Легендарен руски разбојник и Робин Худ

Сергей Кириллов (CC BY-SA 3.0)
Во советско време Разин беше претставуван како благороден борец за слободата на обичниот народ против угнетувањето на царот и самоволието на болјарите. Ретко се споменуваа неговите разбојништва, убиства и насилство.

Во втората половина на XVII век Русија доживеа еден од најсуровите и најкрвавите бунтови во својата историја. Десетици илјади козаци и селани се кренаа и го доведоа југот на земјата во состојба на хаос и терор. Освојуваа и пљачкаа градови, убиваа големопоседници и бесеа царски офицери.

На чело на востаниците беше донскиот козак Степан (Стењка) Разин. За едни тој беше народен херој и заштитник на сиромашните и несреќните, додека за други беше предавник, разбојник и никаквец.

Лични причини

Разин најверојатно е роден во 1630 година. Благодарение на неговите лични квалитети и среќата што го следела до триесетгодишна возраст, тој станал еден од најугледните козачки атамани.

„Изгледот му е величествен, држењето благородно, а изразот на лицето горд; висок е по раст, со рошаво лице. Имаше способност да влева страв и љубов во исто време. Што и да наредеше, луѓето го извршуваа без приговор и мрморење“, вака за Разин пишува холандскиот патник Јан Стрејс, кој лично го познавал атаманот.

Царевата власт на Дон во тој период била многу слаб и козаците уживале одредена слобода во својата внатрешна и надворешна политика. Сепак, Москва редовно ги користела козаците во своите воени походи. Во нив учествувал и Стењка Разин, кој се борел против Турците и Кримските Татари.

За царот се борел и постариот брат на Стењка, Иван. Во 1665 година тој бил дел од војската на царскиот војвода, кнезот Јуриј Долгоруков, која се борела на територијата на Полско-литванскиот сојуз.

Во еден момент, Иван и група пријатели одлучиле дека рокот на нивната служба на царот истекол. Тие се обиделе да ги напуштат воените редови и да се вратат на Дон, но биле фатени и погубени поради дезертерство. Степан Разин не можел да му го прости тоа на Московското царство.

„Стењка Разин“ на Василиј Суриков

Народно незадоволство

Меѓутоа, една лична навреда не била доволна за народот да се побуни против болјарите и царската власт. Оние кои го опкружувале Разин имале сопствени замерки на сметка на Москва.

Животот на руското селанство во втората половина на XVII век бил исклучително тежок. Селаните морале да ги преживеат исцрпувачките војни против Швеѓаните и Полјаците, најголемата епидемија на чума во тој век и гладот ​​што бил резултат на слабиот род. Покрај тоа, законикот (Соборное уложение) усвоен во 1649 година дефинитивно ги направил селаните кметови, со што тие практично станале сопственост на големопоседниците.

Во потрага по слобода и подобар живот, селаните бегале на Дон, каде што не морале да се плашат дека ќе бидат предадени на големопоседниците. Но, ни таму не ги очекувало изобилство и безгрижен живот. Целата добра земја била поделена меѓу богатите, имашливи козаци, додека сите останати морале да му се приклучат на сиромашното козаштво („голутва“).

Затоа на оние кои сакале подобар живот како избор им останале само грабежот и разбојништвото.

„Степан Разин“ на Борис Кустодиев

„Поход заради зипун“

Вообичаено, Москва им прогледувала низ прсти на козаците ако повремено извршувале пљачкашки походи на територијата на соседните земји. Но Разин, кој се нашол на чело на новоформираната банда, решил да ги пљачка сите по ред, вклучувајќи ги и поданиците на царот.

Во 1667 година отишол во поход „заради зипунот“ (зипун е вид кафтан), односно „заради плен“ на Волга, каде што ги блокирал важните трговски патишта. Атаманот ги напаѓал трговските каравани и на војниците што ги чувале им давал избор: или да му се придружат или да бидат убиени. Началниците на одредите без одлагање ги убивал како одмазда за братот.

Војската на Разин брзо растела, бидејќи ѝ се придружувале сите што сакале да се збогатат брзо. Набрзо тој со својата флота од 30 бродови излегол на Каспиското море и почнал систематски и успешно да го пљачка персискиот брег.

Царот Алексеј Михајлович бил ужаснат од можноста тоа да доведе до војна со Персија. Тој итно преку емисар го известил шахот Сулејман I Сефи дека немал никаква врска со тие разбојнички упади.

Против Разин била испратена персиска флотила, која тој целосно ја уништил во битката кај Свинскиот остров во јули 1669 година. Според сведоштвата, атаманот ги заробил синот и ќерката на персискиот војсководач Мамед-кан. Според легендата, Стењка во пијана состојба ја удавил ќерката на Мамед-кан во Волга.

Степан Разин ја фрла персиската принцеза во Волга, гравура од 1681 година.  

Селанска војна

Во август 1669 година Разин се вратил на Дон со богат плен, среќно избегнувајќи судир со царската војска. Атаман бил на врвот на својата слава и бројот на неговите поддржувачи постојано растел. Му се придружувале козаци, избегани селани, па дури и царски војници. Ги примал без разлика.

Пролетта следната година Стењка тргнал во нов поход на Волга. Само што овој пат не тргнал на југ, туку на север, кон центарот на руската држава.

Војската на атаманот од дваесет илјади војници заземала град по град, вршејќи насилство, пљачкајќи и масовно убивајќи болјари, офицери, чиновници и богати граѓани. Разин ја укинувал царската власт, заменувајќи ја со „козачка слобода“.

„Ајде, браќа! Сега одмаздете им се на тираните кои до сега ве држеа во ропство полошо од Турците или безбожниците“, им велел тој на оние што ќе му се придружеле. „Дојдов да ви дадам слобода и избавување, ќе бидете мои браќа и деца“.

Бунтовниците напредувале самоуверено, заземајќи ги големите градски центри како Астрахан, Царицин (идниот Сталинград, денешен Волгоград), Саратов и Самара. Некои градови дури и не морале да ги напаѓаат - војниците ги убивале своите старешини и ги отворале портите пред атаманот.

Војската на Степан Разин го зазема Астрахан, гравура од XVII век

Разин дури се обидел да му даде легитимитет на својот бунт. Тој работел на ширењето гласини дека во неговата војска се наоѓал царскиот син Алексеј Алексеевич (кој веќе бил мртов дотогаш) и прогонетиот патријарх Никон, кој во тоа време всушност се наоѓал во Кирило-Белозерскиот манастир.

Крај на авантурата

Есента 1670 година востаниците се приближиле до Синбирск (подоцна Симбирск, а денес Уљановск), каде што биле поразени од силите на војводата Јуриј Барјатински. Ранетиот атаман успеал да побегне на Дон и да се скрие со неговите преостанати поддржувачи во гратчето Кагаљницки, каде што планирал да ги обнови своите сили.

„Судирот на војската на Степан Разин со царската војска кај реката Алатир“, Николај Самокиш 

Во меѓувреме, козачките старешини кои не се приклучиле на бунтот сфатиле дека царот Алексеј Михајлович исто така може да ги казни за разбојништвата и грабежите што ги извршил Разин. Потоа го нападнале засолништето на Разин, го фатиле атаманот и веднаш го испорачале на Москва.

Стењка бил донесен во престолнината, каде што претрпел долги и тешки мачења. На 16 јуни 1671 година бил јавно погубен со отсекување на нозете, рацете, а потоа и главата. Утробата му била фрлена на кучињата, а деловите од неговото тело биле набиени на копја и изложени да можат да ги видат сите. За никој друг да не му падне на ум да тргне по неговите стапки.

„Погубувањето на Степан Разин“, Сергеј Кирилов

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња