Како Козаците се бореле против Наполеон во 1812 година

„Кој кого“, Виктор Мазуровски
Брзата и издржлива козачка коњица ја измачила Наполеоновата „Голема армија“ како глутница кучиња гонета мечка.

„Козаците се најдобрата лесна војска меѓу сите постоечки. Да ги имав во својата армија, со нив ќе го обиколев целиот свет“, вака Наполеон ја опишал руската козачка коњаница со која имал можност да се судри при нападот на „Големата армија“ на Русија во 1812 година. Со што толку многу го импресионирала францускиот император?

Родени војници

Донски Козак

На почетокот на XIX козачкиот сталеж главно имала задача да ги штити границите на империјата. Оваа нередовна војска се карактеризирала со исклучителна борбена готовност, строга дисциплина, чувство на братство, меѓусебна верност и лојалност кон атаманот.

Од рано детство Козаците учеле да јаваат коњи, да ракуваат со различно ладно и огнено оружје, иако претпочитале пикет (кој тие го нарекувале „дротик“). Во времето слободно од домашните обврски организирале војнички игри, проучувале и увежбувале тактички маневри, кои нивните предци ги преземале од военото искуство на номадските народи.

Токму Бонапарта го опишал Козакот многу живописно: „Тој е убаво граден, силен, вешт, снаодлив, добар коњаник и неуморен. Роден е на коњ, израснал во граѓански војни и во рамницата е исто што и бедуинот во пустина или горштакот во Алпите. Никогаш не живее во куќа, не спие во кревет, а на зајдисонце го менува местото на ноќевање за да не преноќи на местото каде што можеби го забележале неговите непријатели“.

Козачка тактика

Основната борбена формација на козачката коњаница во битките била таканаречената „лава“, која ја користеле уште монголските освојувачи. Масата коњаници се движела кон непријателот раштркано во еден или неколку строеви, што изгледало сосема хаотично. Всушност, групирани во редови од 10-12 коњаници, Козаците во таа „лава“ делувале како хармоничен механизам, во кој секој коњаник ја знаел својата улога.

„Човекот не знае како да делува против нив; ако поставиш линија, тие додека трепнеш се собираат во колона и ја пробиваат; ако сакаш да ги нападнеш во колона, тие се шират во линија како стрели и ја опкружуваат колоната од сите страни...“ – се жалеле офицерите на „Големата армија“.

Се разбира, на лесно вооружените Козаци им било многу тешко да се одржат во отворена борба против тешко вооружените Французи. Затоа главно се судирале со лесната коњаница на противникот, вршеле извидување, диверзии, подготвувале заседи, заробувале гласници, ја напаѓале заднината на непријателската војска и ги прекинувале нејзините врски со останатиот дел на армијата.

Покривајќи ја руската армија

На почетокот на Татковинската војна во 1812 година, во составот на руската армија имало околу 40 илјади Козаци. Главнината ја сочинувале претставници на донските козачки сили на атаманот Матвеј Платов, на кои им се придружиле Црноморските Козаци, како и татарските, калмичките и башкирските коњанички полкови.

На 23 јуни, во пресрет на масовниот продор на „Големата армија“ на територијата на Руската империја, 300 полски улани од 5-от армиски корпус се префрлиле преку пограничната река Неман со цел да го извидат теренот. Таму веднаш биле нападнати од козачки одред, кој по кратка пресметка се повлекол. Козаците воспоставиле специфичен однос со Полјаците за време на воената кампања.

Избегнувајќи масовен судир, разединетите руски сили се повлекувале длабоко на територијата на империјата под навала на надмоќните противнички сили. Мобилните козачки полкови го покривале повлекувањето на главнината на војската, вршејќи неочекувани напади врз Французите. Како што забележал генералот Леонтиј Бенигсен, „тие ја користат и најмалата грешка на непријателот и веднаш го наведуваат да се покае за таа грешка“.

Судирот на француската коњаница и Козаците кај населбата Красное. Сликарот се насликал себеси во моментот кога паднал од коњ, а потоа е и заробен. Во позадина се Калмици и Башкири.

Кога ситуацијата дозволувала, Козаците стапувале во отворена борба со непријателот. На 9 јули во близина на селото Мир (денес во централна Белорусија) против полските улани го примениле тактичкиот маневар „мрежа“. Преправајќи се дека се повлекуваат, Козаците ги намамиле во заседа на главнината на своите сили.

Борбата траела целиот нареден ден. Со оглед на тоа што „мрежата“ повеќе не функционирала по горчливото искуство што го претрпел непријателот, Платов нападнал со формација „лав“. „Жестоката борба траеше четири часа, гради в гради... од шесте непријателски полкови едвај остана жива душа или, можеби, неколкумина од нив... Нашите загуби се мали“, ја известил атаманот командата.

Бородино

На 7 септември, дваесет коњанички полкови и две козачки коњичко-артилериски чети учествувале во грандиозната Бородинска битка. Во текот на битката тие повеќепати жестоко се судриле со своите стари познаници од 5-от полски армиски корпус. Меѓутоа, најславниот момент за Козаците бил дрскиот јуриш врз позадината на левото крило на француските сили.

Откако добиле дозвола од командантот на руската војска Михаил Кутузов да тргнат на непријателската заднина, донските козаци на Платов, заедно со коњаниците на резервниот корпус на генералот Фјодор Уваров, кришум се префрлиле преку реката Колоча и неочекувано ги нападнале Французите, предизвикувајќи хаос и конфузија меѓу нив.

Бројот на напаѓачите не бил поголем од шест илјади луѓе, но Наполеон, кој не го знаел тоа, бил принуден да го насочи вниманието кон нив и да го запре притисокот врз позициите на руската војска, што ѝ овозможило неколкучасовен одмор. Откако на војската ѝ овозможиле скапоцено дополнително време, го опљачкале воениот логор и фатиле заробеници, коњаниците на Платов и Уваров се повлекле.

Протерување на непријателот

Козаците во состав на руската војска на 19 октомври први влегле во Москва по неславното повлекување на француската армија од неа. Веднаш пристапиле кон гаснење на пожарот, закопување на труповите, потрага и апсење на лицата кои соработувале со непријателот, разбојниците и злосторниците.

Рано утрото на 25 октомври, на подрачјето на Малојарославец (121 километар југозападно од Москва), на Козаците им се укажала можност да го заробат лично императорот. Сосема неочекувано за непријателот, тие ги нападнале неговите артилериски позиции, кампот и влегле во судир со гардискиот корпус, во кој бил и Наполеон со неговата придружба. Без да знаат, Козаците се концентрирале на пљачкање на логорот и се повлекле кога се појавило француското засилување.

„Императорот за влакно избегна да биде заробен среде неговата гарда! Веќе сто пати е кажано дека гардата добро се бори, но слабо се брани. Навистина, ноќе Козаците се наоѓаа на 300 чекори од баталјонот на гренадирите!... Само извонредната храброст на неговиот конвој и доаѓањето на гардиските коњанички гренадири и драгуни го спасија Наполеон од заробеништво“, го опишал овој настан канадскиот историчар од XIX век Џорџ Денисон.

Како очи и уши на руските сили, Козаците ја следеле поранешната „Голема армија“ за време на нејзиното бегство на запад, повремено неочекувано напаѓајќи го непријателот. По повод протерувањето на Французите надвор од границите на империјата, царот Александар I му честитал на атаманот Платов: „Вашите заслуги и подвизите на козачката војска под ваша команда нема да бидат заборавени. Нивното име стана страв и трепет за непријателот“.

Козаци во Бауцен, Саксонија, 1813.

Козаците успеале добро да се покажат и за време на воената кампања во Европа која набрзо следела. Така, на пример, за време на „Битката на народите“ кај Лајпциг во октомври 1813 година, тие ги спасиле од заробеништво, па дури и од смрт царот Александар и шведскиот крал Карл Јохан Бернадот, кога до нив се пробила коњаницата на маршалот Жоашен Мира.

Не е никакво чудо што Козаците биле меѓу првите единици на руската војска кои во март 1814 година влегле во Париз со царот. Нивниот тежок, херојски пат завршил во француската престолнина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња