Рускиот претседател Владимир Путин и македонскиот премиер Никола Груески се сретнаа во Санкт Петербург на 21 јуни 2012 година. Извор: МИА.
За Македонија, младата балканска држава, која се стекна со независност во 1991 година, исто како и другите републики од СФРЈ, до неодамна во Русија се знаеше многу помалку одошто за Србија, Хрватска, па дури и за Босна и Херцеговина. Сепак, уште во 19 век во градот Битола (Манастир), на територијата на современа Македонија работел конзулат на Руската империја. За време на Руско-турската војна 1877–1878 на страната на Русија се бореле голем број доброволци од Македонија. Сè до распадот на Отоманската империја Русија преземала чекори за подобрување на положбата на христијанското население на територијата на современа Македонија. Потоа руско-македонските контакти зависеа од политиката на државите што настанаа по Првата и по Втората светска војна: Југославија (најпрво кралска, а потоа социјалистичка) и Советскиот Сојуз. Сè до 1940 година СССР немал никакви дипломатски односи со Кралска Југославија, а Советскиот Сојуз не сакал да се меша во темата за Македонија на никакво ниво за да не испровоцира усложнување на односите со Грција, Југославија и со Бугарија. Дури по стекнувањето на независноста на Македонија двете земји добиле можност да ги обноват односите, кои имаат долга историја.
Владимир Путин и Никола Груески во Санкт Петербург, 2012 година. Извор: МИА.
Веќе во август 1992 година претседателот на Русија Борис Елцин потпиша указ за признавање на Република Македонија како независна држава, а во јануари 1994 беа воспоставени дипломатски односи на ниво на амбасади. Во 1997 беше потпишан договор за основање меѓувладина руско-македонска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, а по една година Борис Елцин и претседателот на Македонија Киро Глигоров во Москва ја потпишаа Декларацијата за пријателски односи и соработка меѓу двете земји. Сè на сè, во првите десет години од соработката меѓу Русија и Македонија беа склучени повеќе од 40 меѓувладини и меѓуресорски договори. Во мај 1999, во јуни 2003 и во октомври 2010 година Македонија ја посетија делегации на Државната Дума на Русија, во октомври 2001 година во работна посета на Москва беше вториот претседател на Македонија, Борис Трајковски, а по две години премиерот и иден претседател на Македонија, Бранко Црвенковски. Во 2007–2008 година се одржаа средби на Црвенковски со Владимир Путин и со Дмитриј Медведев. Сегашниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, ја посети Русија во јуни 2010. На крајот, во јуни 2012 во посета на Москва пристигна премиерот на Македонија Никола Груевски, кој за време на патувањето ја посети не само Москва туку и Владимир, Нижни Новгород и Санкт Петербург.
Освен политичките, се развива и трговско-економската соработка меѓу двете земји. Според податоците на федералната царинска служба на Русија, обемот на трговијата меѓу двете земји за периодот од јануари до јуни 2011 изнесувал 80 милиони американски долари и во однос на 2010 година пораснал за 106,4%. Притоа, рускиот извоз во Македонија се зголемил за 122,3% (на 35,6 милиони американски долари), а извозот од Македонија за 95,1% (на 44,4 милиони американски долари). Русија извезува во Македонија гориво и суровини, а Македонија во Русија лекови, резервни делови за автомобили, вино, тутун, зеленчук и овошје.
Рускиот извоз во Македонија се зголемил за 122,3% (на $35,6 милиони), а извозот од Македонија за 95,1% (на $44,4 милиони).
Уште во 2010 година Ѓорге Иванов на средба со претседателот на „Гаспром“ Алексеј Милер изјави дека Македонија е заинтересирана за приклучување кон гасоводот „Јужен тек“. Така, во јули годинава во Нижни Новгород во рамките на шестото заседание на руско-македонската меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка беше потпишан нацрт-договор за приклучување на Македонија во изградбата на гасоводот. Според информациите на „Росијскаја газета“, потпретседателот на Владата на Македонија Зоран Ставрески изјавил дека „Јужниот тек“ ќе му даде нов импулс на понатамошниот развој на македонската индустрија, а на гасификацијата на Македонија ќе работат руски фирми и специјалисти.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче