Како Монголите првпат ги поразиле Русите

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Руските кнезови не гледале сериозна закана во номадите од Истокот. Но, набрзо силно зажалиле поради тоа.

Инвазијата на Монголите била голема несреќа за Русија. Поразените руски кнежевства се нашле во двоиполвековна политичка и економска зависност од моќната источна империја.

Разорната инвазија траела од 1237 до 1241 година, но првата средба со непознатиот непријател се случила четиринаесет години порано. Како дошло до тоа?

Неканети гости

„Поради нашите гревови дојдоа народи непознати, безбожните Моавци, за кои никој точно не знае кои се, ниту од каде дошле, ниту каков им е јазикот, ниту кое племе се, ниту која вера“ – вака руски хроничар го опишува појавувањето на силите на Субудај и Џебе, најдобрите војсководци на Џингис-кан, во степите кај Црното Море 1222 година.

Поминувајќи низ Централна Азија, тие стигнале до Каспиското Море, ги преминале Кавкаските планини и продреле на територијата на туркиските номади Кумани (Половци). Овие порано му дале гостопримство на племето Меркита откако Монголите ги поразиле, па поради тоа морале да бидат казнети.

Разединетите кумански племиња не им пружиле достоен отпор на најдобрите воини на Евроазија. Затоа биле принудени да се обратат за помош кај своите северни соседи - Русите, со кои дотогаш ту жестоко војувале, ту склучувале династички бракови и военополитички сојузи.

На почетокот на 1223 година водачот на западниот племенски сојуз на Куманите, канот Шејхан, пристигнал на дворот на галицискиот принц Мстислав Храбриот, кој бил негов зет. На итно организираниот состанок на кнезовите во Киев, Шејхан почнал да ги убедува да се обединат против Монголите.

„И донесе многу дарови – и коњи, и камили, и биволи, и робинки, и, поклонувајќи се, ги даруваше сите руски кнезови, велејќи: „Денес нашата земја Татарите ја зедоа, а вашата утре ќе дојдат и ќе ја заземат, и затоа помогнете ни“, се  наведува во летописот. 

Плашејќи се дека во случај на конечен пораз Куманите би можеле да им се придружат на Монголите, владетелите на низа руски земји се согласиле да им дадат отпор на неканетите гости.

Патот до катастрофа

Во заедничкиот поход учествувале дружините на кнежевствата Киев, Галиција-Волинија, Туров, Чернигов и Смоленск, под водство на дваесетина кнезови. На почетокот на април 1223 година тие тргнале по Днепар во јужните степи, а кон средината на мај се споиле со Куманите на подрачјето на островот Хортица.

Бројната состојба на обединетите сили не е позната. Според различни податоци, се работело за 40 до 100 илјади луѓе. Субудај и Џебе, пак, располагале со 20-30 илјади војници.

Имајќи си работа со бројчено надмоќен непријател, Монголите се обиделе да ја смират ситуацијата. Емисарите што дошле во кнежевскиот табор рекле дека војуваат само против Куманите, а не и против Русите. Од непознати причини, емисарите биле убиени, што номадите го доживеале како страшна навреда. Судирот бил неизбежен.

Монголите, кои, како што пишуваат арапските историчари од тоа време, поседувале „храброст на лав, трпение на куче, будност на ждрал, лукавство на лисица, далекувидост на гавран, крволочност на волк“, не влегле веднаш во отворен судир со непријателот. Напротив, почнале да се повлекуваат од Днепар кон степата, намамувајќи ги зад себе Русите.

Кнезовите не можеле да се согласат околу тоа како треба да се продолжи походот. Едни го поддржувале Мстислав Храбриот, кој потценувајќи ја борбената способност на Монголите, итал во битка. Други, на чело со киевскиот кнез Мстислав Романович, повикувале на претпазливост.

За време на неговото повлекување, Субудај жртвувал мали одреди на непријателот, дозволувајќи му да извојува победи кои би го натерале да се охрабри и да се опушти. На крај, руско-куманската војска целосно се посветила на прогонување на непријателот.

Пораз

По една недела марш, сојузниците стигнале до малата река Калка (во денешна Донецка област), каде што на 31 мај (според други извори, 16 јуни или 16 јули) се одиграла решавачката битка.

Дел од оние што го следеле непријателот преминал на спротивниот брег и тргнал по Монголите, додека другиот дел од силите не ни почнал да ја преминува реката. Чекајќи додека растојанието меѓу деловите на непријателската војска не достигне неколку десетици километри, Субудај тргнал во напад.

Тешката монголска коњаница, симулирајќи повлекување, одеднаш зазела позиции и тргнала на збунетите Кумани. Тие веднаш биле разбиени и натерани во бегство, што довело до хаос во редовите на руските дружини кои се приближувале. „И меѓу руските полкови завладеа збрка и битката беше изгубена поради нашите гревови. И беа совладани руските кнезови, а такво нешто немало од почетокот на Руската земја“, се наведува во летописот. 

Киевскиот кнез, кој се нашол на другата страна на реката, не сакал да влегува во конфликт. Тој се утврдил во таборот кој набрзо бил опколен од монголската војска. За тоа време, другите одреди на номади продолжиле да ги гонат остатоците од кнежевските дружини расеани низ степата, уништувајќи ја нивната жива сила.

Неколку дена подоцна, Монголите им предложиле на опколените Руси, кои веќе почнале да страдаат од жед, да се предадат со ветување дека ќе ги пуштат со откуп. Наместо тоа, дел од киевските воини кои се предале биле убиени, а дел заробени. Мстислав Романович, заедно со неколку кнезови и војсководци, бил ставен под штиците на кои победниците приредиле славје, каде што сите страдале под тежината и од задушување.

Ненаучени лекции

Првиот вооружен судир меѓу Монголите и Русите завршил со трагични последици по Русите. Загинале голем број истакнати болјари, а дванаесет од десетиците кнезови кои учествувале во битката не се вратиле дома.

Точните загуби на руските сили не можат да се проценат, но со сигурност се знае дека биле огромни. Според хрониките, преживеал само секој десетти војник.

„И настана плач и лелек во сите градови и села“ - раскажува „Повеста за битката на реката Калка“ од XIII век. Омаловажувањето на руските кнезови кон номадите отстапило место на паничниот страв од нив.

Непостоењето на единствена команда, некординираноста на дејствијата, неспособноста на кнезовите да се договорат меѓу себе пред лицето на опасноста биле главните причини за тешкиот пораз. Меѓутоа, од трагичните настани не биле извлечени никакви поуки и старите нерешени проблеми повторно станале актуелни четиринаесет години подоцна, кога масовната инвазија на Монголите се устремила кон руската територија.