Колку пати Русите ја победиле монголската Златна орда?

„Двобојот на Пресвет и Челубеј“ на Виктор Васнецов

„Двобојот на Пресвет и Челубеј“ на Виктор Васнецов

Слободни извори
Најпознатата победа над Монголите Русите ја однеле во Куликовската битка во 1380 година, но тоа не е единствениот нивен триумф во големата историска конфронтација.

Монголската наезда на Русија во 1237 година била слична на незапирлива лавина. Се чинело дека ништо не може да го запре продирањето на номадските воини кои без особен напор ги сотирале кнежевските дружини и ги заземале дури и најјаките тврдини. Сепак, на Русите од време на време им поаѓало од рака успешно да им пружат отпор на освојувачите. Така, Монголите морале цели 50 дена да го држат под опсада малиот град Козељск, а од Смоленск дури и биле потиснати. За волја на вистината не можело ни да стане збор за некакви крупни и сериозни победи над освојувачите од истокот.

„Одбрана на Рјазањ“

На крајот Русија била покорена и се нашла во политичка и во економска зависност од моќната монголска држава Златната орда која се простирала во јужните степи во близина на руските граници. Нејзините канови започнале редовно да земаат данок од руските кнежевства и на руските кнезови да им делат „јалрлици“, односно повелби кои служеле како потврда дека тие го имаат правото на власт во сопствената земја. Монголите со задоволство ги боцкале руските кнезови еден против друг, поддржувајќи повремено една од судрените страни. Во еден таков конфликт дошло до првата сериозна победа на руската војска над Монголите.

Баскаци (претставници на татарско-монголската власт).

На почетокот на 14 век тверскиот кнез Михаил Александрович и московскиот кнез Јуриј Данилович еден на друг си ги оспорувале „јарлиците“ за управување со кнежевството што на добитникот му давало право на старешинство над другите руски владетели. Јуриј се оженил со Кончака, сестрата на ханот Узбек која примила православие и со тоа ја обезбедил поддршката од страна на Ордата. И покрај тоа, тверската војска на 22 декември 1317 година во битката кај селото Бортенево ги победила здружените сили на московскиот владетел и на монголскиот војсководец Кавгадиј. Михаил Александрович знаел дека непријателот нема да му го прости овој срам (особено по смртта на Кончака во тверското заробеништво). Не чекајќи казнената експедиција да стаса во неговата земја тој во 1318 година доброволно заминал во Ордата и застанал пред судот на ханот. Од Ордата не се вратил жив.

Смртта на Михаил Тверски

Кон средината на 14 век Златната орда ја зафатила политичка криза, позната како „Големиот смут“, кога за дваесеттина години на престолот се смениле 25 ханови. Монголците воделе жестоки меѓусебни борби за власт, но притоа не заборавале да ги пљачкосуваат руските кнежевства. Тие, за волја на вистината, од време на време успешно се бранеле. Така во 1365 година во битката кај Шишевската шума победен е бег Тагај кој пустошел по рјазањската земја. Две години подоцна, во битката на реката Пјана, поразен е емирот Булат-Тимут, чија војска извршила упад на територијата на Городецкото кнежевство.

Победата над Татарите кај Шишевската шума

До кулминација во повеќевековната руско-монголска конфронтација дошло во судирот на Московското кнежевство кое во текот на седумдесеттите години од 14 век станало главен центар на рускиот отпор кон Ордата и моќниот беглербег („бег на неговите“) Мамај, кој имал најголеми успеси во обединувањето на распарчените делови на Златната орда под своја власт. Во 1378 година Русите на реката Вожи однеле мошне важна победа над војската што ја испратил Мамај. Биле победени пет „тумени“ (околу 50.000 војници), петмина негови војсководци останале да лежат на бојното поле, меѓу нив и командантот Бегич.

Татарите бегаат од бојното поле кај реката Вожа, прогонети од гневот Божји.

Две години подоцна на Куликовското поле (во близина на Тула) војската на московскиот кнез Дмитриј Иванович се судрила лично со Мамај. „И сечење луто и големо беше, и беше жестоко, и татнежи страшни. Од создавањето на светот немаше меѓу руските кнезови таква битка за владеењето на овој велики кнез на цела Русија“, пишува во Хрониката посветена на Куликовската битка: „Додека се бореа, од шест до девет часот, како дожд од небо се пролеваше крвта и на руските синови, и на поганите, и неброено мноштво мртви паднаа од обете страни. И многу Руси поробија Татари, и Русите Татари. И паѓаше труп врз труп, паѓаше тело татарско на тело христијанско. Час овде, час онде, можеше да се види како Русин гони Татарин, а Татарин Русин“.

„Двобој Пересвет со Челубеј“

Исходот на битката ја реши рускиот полк кој подготвено чекаше во заседа и удри од грб на монголската коњица за време на нејзиниот јуриш. Губејќи ја речиси целата војска, Мамај се даде во бегство, и набргу го дотолчи главниот ривал, ханот Токтамиш, кој за разлика од узурпаторот на власта Мамај беше потомок на Џингис-хан и кого го доживуваа како законски владетел на Ордата. Токтамиш успеа да ја запре „Големата смут“ и во 1382 година да ја запали Москва, по што Русите повторно почнаа да плаќаат данок на Ордата. Но, конецот на процесот за ослободување на Русија веќе беше потегнат и не можеше да се запре.

Одбраната на Москва од војската на Токтамиш, 1382 година.

Руските кнезови повеќе не чувствуваа страв и трепет пред Монголите. Често го саботираа исплаќањето на данокот и не се грижеа за реакцијата на Златната Орда, која по наездата на средноазискиот освојувач Тамерлан се распадна кон средината на 14 век. Последните обиди да ги принуди Русите на покорност ги презеде ханот Ахмат, владетел на таканаречената Голема орда – најголемиот фрагмент од некогашната моќна држава.

Одбраната на Москва од Токтамиш, 14. век.

Во 1472 година монголската војска се обиде да се пробие до Москва, но беше запрена на брегот на реката Ока кај Алексин. Осум години подоцна беше организиран нов поход и војските се сретнаа на реката Угра. По неколку неуспешни обиди за форсирање на реката, Ахмат ја повлече војската. Така Русија конечно стави точка на периодот на владеењето на Монголите.

Обрана на реката Угра, 1480 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња