- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Александар Покришкин
„Внимание! Внимание! Покришкин е во воздухот!“ - вака германските центри за предупредување и известување предупредуваа дека на хоризонтот се појавил ловецот Р-39 „Еракобра“ (P-39 Airacobra) со тактичка ознака „100“ со кој управуваше познатиот советски ас Александар Иванович Покришкин. Пилотите на Луфтвафе мораа да отворат четири очи и да се повлечат од другите воздушни битки, а помладите беа итно повикувани да се вратат на аеродромите.
За време на војната Покришкин изведе преку 650 борбени летови, учествуваше во 156 воздушни битки и самиот собори 59 непријателски авиони и уште 6 заедно со други пилоти во група. Според други извори, тој имал повеќе од 100 победи.
Александар Иванович беше талентиран пилот, а во исто време и автор и поборник за новите тактички формации и потези во тактичката борба. Во прашање се „ножици“, „напад на сокол“, „клешти“, „лулашка“ и др. Благодарение на него, во Военото воздухопловство на Црвената армија се прошири ефикасниот борбен поредок „Кубанска етажерка“ во кој авионите-ловци добиваа повеќе простор во потрага по цел.
Тој беше на фронтот од самиот почеток на војната и беше еден од првите пилоти на кои им беше дозволено самостојно да одат во „слободен лов“ на германски авиони кога непријателот имаше целосна доминација во воздухот. И тоа се однесуваше дури и на непријателската заднина. Таквите летови станаа практика меѓу советските пилоти дури од 1943 година.
„Воениот талент на Покришкин се покажа силно во битката над Кубан“, се сеќава подоцна пилотот Михаил Водопјанов: „Тој се бореше таму со некаква настрвеност, нетрпеливо барајќи нова непријателска жртва на небото. Од висина јуришаше на месершмитите, јункерсите и хајнкелите и напаѓајќи ги со голема брзина ги решеташе со кратки, но прецизни митралески рафали, по што тие како огнени топки паѓаа на земја. Нашите борци на првата линија на фронтот неколку пати од рововите со уживање ги набљудуваа неговите молскавични и убиствени напади и го препознаваа авионот на Покришкин дури и кога беше премногу високо и кога од земја не можеше да се види белата тактичка ознака „100“. „Стотката“ беше позната на целиот фронт. Фашистичките пилоти многу се плашеа од неа“.
Од 1944 година Александар Иванович беше поставен на чело на авионските полкови и дивизии, но тој продолжи да лета и соборува непријателски авиони до самата Победа. Во повоениот период, како трикратен Херој на Советскиот Сојуз, дојде до заменик-командант на Противвоздухопловната одбрана на СССР, а во 1972 година беше унапреден во чин маршал на авијацијата.
2. Григориј Речкалов
Соборецот на Александар Покришкин Григориј Речкалов во текот на војната изведе 452 лета, учествуваше во 122 воздушни битки, лично собори 56 непријателски авиони (според други извори 61) и уште 5 заедно со други пилоти од неговата група. Седеше зад управувачот на многу модели на авиони-ловци, но најомилен му беше „Еракобра“.
Речкалов беше мајстор за „слободен лов“, во кој најчесто се впушташе на големи висини (до 6.000 метри). Не му беше тешко да пронајде жртва бидејќи имаше исклучително добар вид.
Григориј Речкалов во својата средина го карактеризираа како храбар, директен и отворен човек, но истовремено и многу непредвидлив. Во една ситуација, дисциплинирано и строго ќе ги извршуваше наредбите, а во друга ќе тргнеше да брка непријателски авион што случајно се појавил, запоставувајќи ја на тој начин главната задача.
Врвот на својата пилотска кариера Речкалов го доживеа во големата воздушна битка за Кубањ пролетта 1943 година, кога собори 17 непријателски авиони. „Немаше ниту еден лет во кој не водевме борба“, се сеќаваше тој подоцна: „На почетокот фашистот дејствуваше дрско. Ќе се појави група и ќе нé опколи и ти само гледаш како еден по еден наш авион ќе се запали и почнува да паѓа. Но, брзо им ја откривме тактиката на фашистичките пилоти и почнавме да применуваме нови потези: летавме во парови, а не во одреди, подобро го користевме радиото за врска и наведување, се движевме во формација „полица“.
Ретко кој советски пилот можеше да се пофали со толкава разноликост на соборени непријателски авиони како Григориј Андреевич. Негови „клиенти“ беа бомбардерите Хајнкел He 111, Јункерс Ju-88 и Ju-87 ловците Месершмит Bf 109 и Фоке-Вулф Fw-190, разни транспортни и извидувачки авиони, па дури и хидроавионот „Савоја“ (Savoia).
Двократниот Херој на Советскиот Сојуз Григориј Речкалов го дочека крајот на војната на должноста инспектор за пилотирање во 6-от гардиски ловечки корпус. По 1945 година, тој продолжи да служи во Военото воздухопловство и дотурка до чин генерал-мајор.
3. Иван Кожедуб
„Прецизен маневар, вртоглава молскавичност на јуришот и напад од најкратко можно растојание“ – вака Иван Никитович Кожедуб ги дефинира основите на воздушната борба. Овој прославен пилот лично собори 62 непријателски авиони, што значи дека беше најубиствениот пилот на авион-ловец во Воените воздухопловства на Црвената армија и сите земји од антихитлеровската коалиција.
На фронтот дојде на фронтот дури пролетта 1943 година. Имаше 330 летови и 120 воздушни битки - помалку од Речкалов и Покришкин. Но, благодарение на својата иницијатива, хазардерскиот дух, добрата проценка на ситуацијата, храброста и интелигенцијата, стана советски ас број еден.
Како искусен борец Иван Никитович секогаш тежнееше прв агресивно да го нападне својот противник. Од друга страна, дејствуваше претпазливо и ладнокрвно кога тоа беше неопходно.
Вака Кожедуб опиша една воздушна борба за време на битката кај Курск: „Во жарот на битката се распалив и згрешив откако ја загубив висината... Брзо почнав да се кревам нагоре за да ја поправам таа грешка, па на опашката и ми дојдоа два месершмита. Смирено се кревав во спирала, а Германците по мене под премногу остар агол. Веднаш сфатив дека во такво кревање мора или да заостанат, или да почнат да „висат“. Внимателно го следев поблискиот месершмит. И навистина, Германецот набрзо ги загуби залетот и брзината, па почна да „виси“. Брзо го префрлив мојот „Лавочкин“ во ранверсман (маневар што овозможува брза промена на правецот), му тргнав во пресрет и го запалив со првиот добар рафал“.
Иван Никитович беше еден од првите пилоти на сојузничката страна кој успеа да собори германскиот млазен ловец „Месершмит“ Ме-262. За жал, тој собори (според него) и два американски ловци Р-51 „Мустанг“ кои по грешка го нападнаа во април 1945 година. Советскиот ас сфатил дека се сојузници дури по престрелката, кога веќе било доцна.
Во Корејската војна 1950-1953 година Иван Никитович Кожедуб командуваше со 324-та ловечка авијациска дивизија која однесе 216 победи во воздух. Подоцна трикратниот Херој на Советскиот Сојуз продолжи да служи во военото воздухопловство на раководни позиции, а во 1985 година беше унапреден во чинот маршал на авијација.