Како две советски девојки станаа ловечки асови во Втората светска војна

Екатерина Буданова и Лидија Литвјак

Екатерина Буданова и Лидија Литвјак

klimbims
Не само советските мажи пилоти знаеле да соборуваат германски авиони. Овие две млади жени станаа вистински ловечки асови во Втората светска војна и најдобри жени-пилоти во историјата на авијацијата.

Првите месеци на Големата татковинска војна, како што во Русија се нарекува Втората светска војна, беа катастрофални за советското воено воздухопловство. Само во првиот ден од операцијата Барбароса се уништени околу 1.200 советски авиони (околу 400 во воздух и 800 на земја). Неискусните советски пилоти кои успевале да се вивнат во воздухот се соочувале со германските ловечки асови закалени во воздушните борби како што е битката за Британија. Советските пилоти немале доволно време да научат вешто да управуваат со новите авиони како што се Јак-1, МиГ-1 и МиГ-3. 

Во ваква критична ситуација командата на советската армија донесува одлука да ги привлече женските пилоти. Така на крајот од 1941 година се родиле три женски полка: 586 ловечки (на авиони Јак-1), 587 бомбардерски (Петљаков Пе-2) и 588 бомбардерски ноќен, познат под името „Ноќни вештерки“ (Поликарпов По-2). 

Ова е приказна за тоа како најпознатите женски ловечки асови во историјата на авијацијата Лидија Литвјак и Екатерина Буданова се стекнале со бесмртна слава. 

Лили, Љиља, Бела лилија 44... 

Лидија Литвјак уште како дете многу се интересирала за авионите. Од 14 години почнала да тренира во аероклуб, и првпат самостојно управувала со авион на 15 години. 

Четири години подоцна, кога започнала Втората светска војна, а Лидија имала 19, излажала дека има доволен број часови лет (над 100) и стапила во Советското воено воздухопловство. 

Лидија Литвјак

Во 1942 година прва учествувала во воздушен бој од својот 586 ловечки полк. Набргу станала најдобар пилот на истиот и ја испраќале на најопасните и на најтешките мисии. Најчесто жртви на Лидија биле Јункерсите 88, бомбардерите Дорнијер 217, ловците Месершмит 109, а соборила и еден цепелин. Имала 168 борбени летови, 12 индивидуални победи и 4 заеднички и по овие показатели е најдобар ловечки ас меѓу жените во историјата на авијацијата.

Јакот-1 на Лидија Литвјак бил декориран со „бела лилија“, знак на слободниот ловец, пилот кој без да чека команда тргнува по непријателот и самиот носи одлука дали ќе стапи во борба. 

Еден друг советски ловечки ас Александар Покришкин велел дека статусот слободен ловец бил најголемо признание за еден воен пилот. Лидија Литвјак го заработила овој статус. Ја викале Лили, Љиља, Бела лилија 44, по бројот на нејзиниот авион. 

Последниот лет 

Љиља велела дека преживуваат не само искусните, вештите, храбрите пилоти, ами и оние кои ги следи среќата. Среќата ја напуштила во 1943 година. Најпрво загинале нејзините најблиски. Лидија набљудувала како се урнал авионот на нејзиниот маж Алексеј Соломатин, херој на Советскиот Сојуз. Тоа се случило на 21 мај. Веќе во јули нејзината најдобра пријателка Екатерина Буданова загинала во акција. 

Лидија Литвјак, Екатерина Буданова и Марија Кузњецова пред авионот Јак-1

Јак-1 на Лидија Литвјак бил соборен на 1 август во воздушен судир над Донбас. Имала само 21 година. 

Со оглед на тоа што исчезнала во борба не е наградена со медал Херој на СССР, највисокото воено одликување. Тоа не се практикувало сè дури постоела можност борецот да се наоѓа во заробеништво. Дури во 1979 година се пронајдени нејзините земни остатоци во братска гробница, и во 1990 година посмртно е одликувана со Златна ѕвезда Херој на СССР. 

Катја Буданова, ас број 2

Екатерина Буданова била најдобра пријателка на Лидија и втор женски ловечки ас по бројот на соборени непријателски авиони. Имала 266 борбени летови и 11 индивидуални победи. 

Како и Литвјак, Буданова ја започнала својата воена кариера во 586 ловечки полк. Двете девојки набргу станале најдобри пријателки и не се разделувале до крајот на животот. 

Советскиот ас Владимир Лавриненко вака се сеќава на Буданова и на Литвјак: „Катја беше живната и весела, а Љиља Литвјак целосна спротивност – замислена и молчалива. Девојките беа вистински пријателки, но Катја го имаше главниот збор“. 

Екатерина Буданова

Буданова во еден слободен слет соборила германски извидувачки Focke-Wulf 189, што советските пилоти многу го ценеле. 

Последен пат летала на 19 јули 1943 година над територијата на Донбас. Буданова и Литвјак бранеле еден советски ИЛ-2 од германски Ме-109. Екатерина била погодена, но сепак успеала да слета, но не и да излезе жива од авионот. Погребана е во селото Некрасновка. Имала 26 години.

Од истите причини како и Литвјак, Буданова е одликувана со Златен медал Херој на Руската Федерација дури во 1993 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња