4 суеверни ритуали со кои се „штитеа” советските пилоти во Втората светска војна

Евгениj Халдеj/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru; Russia Beyond
Воените пилоти разменуваа лични предмети и никогаш не се бричеа пред заминување на мисија, верувајќи дека тоа ќе им донесе среќа.

1. Никогаш бричење пред лет

Воените пилоти секој ден во текот на војната ѝ гледаа на смртта в очи, но веруваа дека се безбедни сé додека не се бричеа пред да појдат в борба. Ова беше едно од најстрогите правила меѓу советските асови кои понекогаш ќе се избричеа навечер пред мисија, но никогаш истиот ден пред да полетаат.

„Станувавме пред зори, неколку часа порано пред да требаше да се појавиме на зборното место на ескадрилата. Се миевме, но никогаш не се бричевме. Ќе се бричевме само навечер. Еднаш Петја Говоров се избриче во текот на денот кога светлата се изгасени и тогаш ненадејно се огласи сигналот за тревога. Немаше време да заврши со бричењето, само ја избриша пената од лицето. Не се врати... Затоа бричење пред лет е лош знак“, вели пилотот во пензија Јуриј Хухриков, припадник на 566 полк на јуришната авијација.  

Современите пилоти и космонаути, исто така, избегнуваат бричење пред лет, како и интервјуа, цвеќе и фотографирање.

2. Чување тајна амајлија

И најмалата амајлија може да спречи смрт на воениот пилот сé додека ја има со себе, веруваа советските пилоти кои се бореа во војната против нацистите. Сите имаа различни ситници кои на прв поглед изгледаа безначајно, но на своите сопственици им го решава прашањето на животот и смртта.

„Коља Прибилов, талентиран, од Бога даден пилот, носеше во текот на целата година иста зимска униформа. Дури и лете! Му рекоа: „Промени ја, ќе се препотиш!“ – „Не! Ова е среќна униформа, нема да ме срушат додека ја носам“, одговори тој, раскажува Григориј Черкашин, припадник на 672 полк на јуришната авијација.

Други пилоти имаа среќни табакери, часовници, па дури и православни икони, и покрај општата општествена антипатија спрема религијата во советско доба.

3. Преживување на критичните броеви

Советските пилоти веруваа во магијата на броевите и некои од нив им влеваа страв. Масовно се веруваше дека броевите 3, 4, 33 и 44 носат лоша среќа и затоа се сметаше дека овие летови се најризични, со најголема шанса пилотот да биде соборен.

Затоа, кога злосреќните летови доаѓаа на ред, советските пилоти правеа сé што е во нивна моќ да ја изведат мисијата што е можно побрзо и што поскоро да се вратат во базата.

4. Мамење на смртта со разменување лични предмети

Верувајќи дека можат да ја измамат смртта, советските пилоти практикуваа размена на лични предмети со колегите. Тие веруваа дека тоа ќе ја збуни и ќе ја одврати смртта.

Пилотите разменуваа некои ситници, а понекогаш и парчиња облека, надевајќи се дека и двајцата учесници во размената на тој начин ќе ја избегнат несреќата.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња